Во време кога има глобален недостаток на енергија во светот, а цената на електричната енергија достигнува невидени вредности, еве една убава вест. На 15 километри од Штип, на падините од планината Богословец, крај селото Кадрифаково, во тек е изградба на ветерен парк, односно електрична централа за производство на електрична енергија од ветер.
Планирани се 8 турбини со вкупна агрегатна моќност од 36MW, што е доволно за снабдување на 20 000 семејства во следните 25 години, со „зелена“ електрична енергија добиена од ветер. Секоја од турбините има ротор со дијаметар на перките од 145 метри, поставени на носач чија висина е 103 метри. Дијаметарот на носачот е 4 метри.
На врвот од носачот, таму каде што се прицврстени перките, има контејнер со должина од 13 метри, ширина 4 метри и во него се наоѓа генераторот на електрична енергија. Сите елементи изгледаат импозантно, особено кога се гледаат од блиску.
Ветерната електроцентрала Богословец ќе придонесе кон намалување на eмисиите на јаглерод диоксид (CO2) за преку 87 илјади тони годишно.
Инвестицијата е малку над 60 милиони евра, а производството на првите количества електрична енергија е планирано со пуштањето во погон напролет 2023 година.