Во септември оваа година се одржаа два важни настани за понатамошниот развој на Светското дигитално радио (Digital Radio Mоndiale – DRM): Третиот индиски автомобилски инфозабавен форум (India Automotive Infotainment Forum) и Меѓународната конвенција за радиодифузија IBC 2022 (International Broadcasting Convention 2022).
Само за потсетување, јавниот радиодифузер во Индија, All India Radio (AIR) ја прифати дигитализацијата на радиото во 2010 година, испорачувајќи ја најобемната радио дигитализација во светот. Со инсталирани и оперативни само 39 моќни DRM предаватели (главно со средни и кратки бранови), AIR веќе може да покрие голем дел од потконтинентот и околу 900 милиони луѓе со дигитални DRM сигнали.
Третиот индиски автомобилски инфозабавен форум (India Automotive Infotainment Forum), годишен настан чиј домаќин е DRM конзорциумот и еден од неговите клучни членови NXP, ги истражува најновите трендови и иновации за радио и аудио во автомобилот. Под мотото “Во Индија се раѓа традицијата”, дискусиите се фокусираа на големиот напредок постигнат од индиската автомобилска индустрија во изминатите пет години, со повеќе од 5 милиони автомобили со DRM приемници. Презентациите завршија со практични демонстрации на DRM за FM опсегот во автомобили, заокружувајќи жив и успешен настан на 28 септември.
Овие приемници немаат проблем со снабдувањето со електрична енергија, поддржани се од напредни дигитално-аналогни чипсети и се најевтините достапни приемници. Всушност, цената на DRM/аналогните приемници во одредени индиски модели на автомобили е вклучена во цената на возилото, без трошоци за купувачот. Предноста на овие приемници е во тоа што се хибридни аналогно/дигитални. Надградбата на DRM-приемник на средни бранови во DRM на FM може да се направи и софтверски, а достапни се и надградби по продажбата. Приемникот поддржува и дигитални мултистандардни решенија. Ова може да биде корисно во места како Јужна Африка, која ги има усвоено и DRM и DAB+ како официјални стандарди за дигитализација. Исто така, нагласено е дека уште сега мора да се реагира на сложената иднина која вклучува електрични и самоуправувачки возила, напредни видеоуреди за во автомобилот, за богата и сложена аудио и текстуална понуда, за интерактивност.
Електричните хибридни автомобили страдаат од широкопојасен шум што не може целосно да се реши само со додавање скапа заштита и филтрирање. Добрата вест е што сега се тестираат и се прикажани практични решенија кои ги претвораат изобличените AM сигнали во пријатен AM прием, сето тоа без потреба од дополнителен хардвер. Една од предностите на DRM е и тоа што обезбедува функционалност за предупредување за вонредни и итни ситуации, сè повеќе барана карактеристика низ целиот свет.
Од особен интерес за индискиот пазар е и проширувањето на стандардот DRM на FM подрачјето. Регулаторното тело за телекомуникации на Индија (TRAI), индискиот регулатор за радиодифузија, препорача дигитализација на FM во опсегот со само два можни кандидати – DRM и HD радио. С# уште се чека владина одлука за ова по успешните и сложени демонстрации на DRM на FM направени во Њу Делхи и Џајпур. Додека во AM секторот доминира јавниот сервис AIR, FM опсегот е поделен помеѓу јавниот радиодифузер и многуте активни FM станици кои ги вратија слушателите на радио во последните 20 години. Ова исто така создаде многу поголем интерес за идната одлука за дигитално FM радио. Прашањето до учесниците беше како најдобро да се добие владина одлука за задолжителни дигитални DRM радија во автомобилите, како што беше направено во просторот на ЕУ.
По виртуелните одржувања наметнати од пандемиските услови, оваа година од 9 до 12 септември, во Амстердам, повторно “во живо” се одржа еден од најинспиративните настани за радиодифузната технологија IBC2022. Со 37 071 присутни од повеќе од 170 земји кои беа на лице место за да видат над 1000 излагачи кои прикажуваат иновации и врвна технологија. DRM исто така беше присутна на овој настан. Оваа година нејзиното мото беше “DRM за FM и AM”, промовирајќи го стандардот како “радио платформа за сите”. Главниот настан се одржа на 10 септември на штандот на Нојтел (Nautel). Фокусот на темата беше DRM како решение за FM, вклучувајќи информации за тестирањата на FM во Индија, мулти-конфигурацијата во DRM за FM, нови решенија за приемници и подобрувања на предавателите.