Рубрика: Омнибус
Македонија е во погрешна временска зона
Автор: Дејан Маликовски
Објавено на 06.11.2022 - 14:15

Македонија со децении е закрепостена во погрешна временска зона. Дали некогаш ќе се ослободиме од ова временско ропство е прашањето кое го поставуваат сите свесни граѓани. Неспорни се астрономските фактори поради кои Македонија е сместена во временската зона GMT+1 (објаснети во неодамнешен напис на порталот на Емитер), но одлуката во која временска зона да биде државата треба да се базира и на многу други фактори. Во оваа статија ќе може да дознаете за некои позитивни аспекти доколку Македонија влезе во многу посоодветна временска зона која на сите ни одговара. Тоа е зоната GMT+2 со Грција и Бугарија, а не како досега во сосема погрешната зона со Шпанија и Мароко.

Оваа година за прв пат се спомена реална можност за промена на несоодветната временска зона во која се наоѓа нашата држава, од страна на владејачките структури. Тоа беше екстатично дочекано од сите упатени граѓани. На сечија жалост предлогот беше даден предоцна и не остана реално време за некои поголеми умови да се вклучат во реализацијата на овој проект кој е од највисоко значење за граѓаните. Бенефитите ни се повеќе од јасни на сите, се разбира, па од таму и огромната поддршка за промена на временската зона, како на пример стемнувањето да е во пристојно време – а не во 16 часот како што било со декади наназад, и како што на наша штета ќе е и оваа зима која ни претстои. Истовремено пак, скапоценото сонце кое ни е потребно, го преспиваме бидејќи се разденува пред 6 часот изутрина. Во некои денови, ако воопшто некој може да замисли, изгрејсонцето е дури во 5 часот и 27 минути изутрина! Да, се сложувам – тотално и апсолутно бесмислено. Како некој намерно да поставил погрешно да се пресметува времето за да наштети на жителите – навистина наликува дека е злонамерно. Во нашата држава промена во летно сметање на времето е најблиску што досега сме можеле да стигнеме до малку попристојно сметање на времето, иако и тоа е далеку од соодветното кое треба да е најмалку еден час подоцна. Секако многу подобро е да сме во точната временска зона со Грција и Бугарија, а дури потоа да зборуваме за задржување на само летно сметање на времето или зимско/летно. Сепак ефектот ќе е релативно сличен бидејќи најлошата возможна комбинација е оваа што ја имаме сега. А тоа е зимско сметање на времето – во погрешна временска зона.

Да навлеземе подлабоко во темата, сепак да не останеме само на најочигледните работи кои може да ги согледа секој еден човек кој има барем парцијално функционални органи за вид.

Бенефитите од преместување на зоната во онаа која е соодветна за ова подрачје се бескрајни, ако почнеме да ги разгледуваме сите, ќе ни се потребни десетина томови. Според мене здравјето е најважно кај населението, па затоа листата ќе ја отпочнам од тука.

 

ЗДРАВЈЕ

Студиите покажуваат дека летното сметање на времето придонесува значително зголемена активност на физичката спремност на населението, а со тоа ја намалува дебелината кај децата, а во значителен степен и кај возрасните. Студиите на International Journal Behavioral Nutrition and Physical Activity и Journal of Physical Activity and Health, забележале дури 62% зголемена активност на пешаците, и 38% поголема активност на велосипедистите. Самата промена на часовникот има придонес во зголемен број на срцеви удари во периодите кои се блиски околу датумот на самата промена. Но, најголем здравствен бенефит имаат луѓето кои имаат сезонско афективно нарушување, познато меѓу народот како зимска депресија. За нив (нас) сонцето значи живот, морбидно но вистинито. Изложувањето на сонце и бенефитите од Витаминот Д во зимскиот период придонесуваат за многукратно подобрување во гастроинтестиналниот тракт и добрите бактерии во цревата, понатаму во намалување на воспалението на цревата и белите дробови. Овие придобивки покрај тоа што имаат придонес за благосостојбата на населението, истите дополнително имаат придонес во зголемена продуктивност, значително намалена стапка на депресија, а со тоа и допринесуваат за зголемена економска добивка.

Зошто е тоа важно? Сончевата светлина е еден многу моќен прекурсор. Кога сонцето заоѓа, телото ослободува мелатонин кој предизвикува поспаност. Со порано зајдисонце, телото порано се подготвува за спиење.

 

ТЕМНИНА – ВРЕМЕ ЗА КРИМИНАЛ

Истражувањата на Brookings Institution и Cornell University заклучиле дека поголемиот дел од уличниот криминал се случува кога луѓето се враќаат од работа, обично околу 17 часот. Со добро позиционирање на временската зона, а дополнително и целогодишно летно сметање на времето овој период е покриен со дневна светлина, наместо со црна темница како што на наша штета е во Македонија сега. Авторите на истражувањето ги направиле своите мерења во периодот кога во 2007ма година било задоцнето менувањето за 4 недели. Резултатот до кој пристигнале е дека грабежите во целиот ден се намалиле за 7%, додека пак грабежите во попладневните часови кои сега добиле сончева светлина забележале пад од неверојатни 27%!

СООБРАЌАЈНИ НЕЗГОДИ

Литературата наведува дека повеќе светлина во попладневните часови драстично влијае на намалување на сообраќајните несреќи. Ова истражување е лесно за спроведување бидејќи има многу податоци од времето кога САД го промени федералниот закон за временски зони во 1986, па периодот од 1976-2003та е повеќе од доволен за да се направат голем број на опсежни анализи. Ефектот на истражувањата вели дека има намалување на сообраќајните несреќи во кои се вклучени пешаци од 11%, додека сообраќајните несреќи меѓу возила бележат намалување од 10%. American Journal of Public Health и Journal of Safety Research дополнително објавува дека покрај тоа и сообраќајните незгоди со дивиот свет се намалени за 11%, бидејќи временската зона е подобро ускладена со однесувањето на ноќните диви животни. Толку огромен процент на подобрување се добива многу тешко на друг начин. Бенефициите од зачувани човечки животи се неизмерни, а со тоа се добиваат и дополнителни економски придобивки, ако на некој тоа му е поважно.

 

ЕКОНОМИЈА И ПРОДУКТИВНОСТ

Придобивките за економијата при соодветен распоред на сончевата светлина се најголемата реална разлика за една нација. Студијата на JP Mogran Chase на оваа тема покажува дека има пад од 4,9% во економската активност кога се враќа часовникот назад за зимско сметање на времето. Тоа е енормен процент кој соодветствува со неколкугодишен економски развој на една земја, а човек ќе рече „Ех, еден саат разлика“. Придобивки има и земјоделската економија, имено не се работи за студија во овој случај, но бидејќи земјоделците не се врзани со часовникот туку со сонцето во својата работа, нивната продуктивност и пред се психичко задоволство се многу подобрени доколку имаат синергија во распоредот на времето со нивните партнери во синџирот на снабдување и дистрибуција.

 

ЕНЕРГЕТИКА

Студија од 2008 година од Американското Министерство за енергетика, покажува стабилна заштеда од 0,5% на електрична енергија на ден, во преодниот период кога нема потреба ниту од греење, ниту од ладење. Доколку се земе како период целата година или барем целата зима, процентите се драстично повисоки. Во региони каде количината на енергија за греење е драстично поголема од таа потребна за ладење, задржување на летно сметање на времето или дополнително избирање на подобра временска зона дополнително додава уште дополнителни проценти заштеда во енергијата. Со тоа ние би имале изразени заштеди во делот на енергетиката.

ЗИМСКО ИЗГРЕЈСОНЦЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Македонија во моменталната погрешна временска зона во која се наоѓа, згора на тоа и со зимско сметање на времето искусува изгрејсонце во 6:00 часот наутро. Од друга страна Грција која има значително посоодветно избрана временска зона има изгрејсонце во 7:00 часот во текот на зимата. Со тоа и зајдисонцето е еден час подоцна.

УЖАСОТ НАРЕЧЕН ПОГРЕШНА ВРЕМЕНСКА ЗОНА

Иако зимата е најужасниот период во Македонија заради темницата која мора непотребно да ја трпат граѓаните секое попладне, и летото не е ништо подобро. Имено на 10ти Јуни 2022 во Скопје се разденило во 4:58 минути ако може да поверувате! За споредба на истиот ден изгрејсонцето во Солун било во 5:58 минути, далеку подобро зарем не!? Во Мадрид пак изгрејсонцето било во 6:46 на тој споменат ден! Секако во Солун граѓаните забележале цел час повеќе светлина попладнето, а во Мадрид дури два часа! Замислете колку прекрасно!

 

ТУРИЗАМ И УГОСТИТЕЛСТВО

Добрата дистрибуција на сонцето преку посоодветна временска зона и само летно сметање на времето се покажало дека е и одличен тоник за туризмот, вели Курт Џенсон директор на Туристичката Алијанса во Британија. Со други зборови целата туристичка и угостителска индустрија добива гратис 1-2 часа плус секој ден. Понатаму сезонските случувања ќе добијат порана пролет и подоцна есен, давајќи има 1-2 месеци повеќе работно време во годината. Туристите многу повеќе избираат сончеви градови во кои може да ги посетат парковите и рестораните додека е уште дење. Коалицијата во Британија се залага за 3 годишен тест период со употреба на летното сметање на времето. Нивните пресметки се дека со постојано летно сметање на времето Британија би добила дополнителни 5,6 милијарди долари годишно.

 

ЗАКЛУЧОК

На сите во Македонија ни е повеќе од јасно што значи да се има прерано зајдисонце, што значи секое попладне да се враќаме кон нашиот дом во темнина. Зимата е особено тешка и депресивна. Покрај сета позитивност што ја покажуваат студиите, ние како жители на темнината и лично сме ги искусиле безгрижните попладневни прошетки во Грција, а некои од нас и неописливите враќања од работа по сончева песочна плажа во Барселона со чевлите во рака. Да се надеваме дека наскоро и ние дома во Македонија ќе имаме можност да пешачиме по снегот дење по работното време, дека ќе можеме да возиме велосипед со нашите најмили попладне и дека нема да се будат нашите кутри дечиња во 5:30 минути прашувајќи „Зошто уште да спиеме, па надвор е веќе дење“.

 


Термини и кратенки:

Закрепостени – (придавка) потчинет, зависен, угнетен
Екстатично – (придавка) со радост, со восклик, позитивна емоција, пресреќен
Томови – (именка) делови од книга, книга која била преголема за да биде во еден дел и била разделена на неколку дела при печатењето
Сезонско афективно нарушување – замор, депресија, губење интерес, недостаток на енергија, слабост, вознемиреност, чувство на вина, мисли за смрт, изразено најчесто во зимскиот период
Бенефит – (именка) полза, корист, придобивка
Прекурсор – (именка) соединение кое се користи за да може да се произведе друго соединение


Литература (референции):

1. Daylight saving time and motor vehicle crashes: the reduction in pedestrian and vehicle occupant fatalities. S A Ferguson, D F Preusser, A K Lund, P L Zador, and R G Ulmer
2. Published Online: October 07, 2011 https://ajph.aphapublications.org/doi/10.2105/AJPH.85.1.92
3. The Short and Long Run Effects of Daylight Saving Time on Fatal Automobile Crashes by Neeraj Sood, Arkadipta Ghosh February 01, 2007 https://www.degruyter.com/document/doi/10.2202/1935-1682.1618/html
4. Under the Cover of Darkness: How Ambient Light Influences Criminal Activity, Jennifer L. Doleac, Nicholas J. Sanders https://direct.mit.edu/rest/article-abstract/97/5/1093/58281/Under-the-Cover-of-Darkness-How-Ambient-Light
5. Making daylight saving time permanent could reduce crime, by Debra Cassens Weiss https://www.abajournal.com/news/article/making_daylight_saving_time_permanent_could_reduce_crime_researchers_say
6. Sunshine Protection Act, Senator Marco Rubio (R-FL), https://www.rubio.senate.gov/public/_cache/files/14e39e20-b852-4cae-b98b-258e0c0898a6/1C912A264D838911D32528FA5B1FD0FB.sunshine-protection-act-2019-one-pager.pdf

Клучни зборови: