Рубрика: Екологија
Големото Солено Езеро во Јута е на чекор од колапс
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 21.10.2022 - 12:45

Сателитска фотографија од Големото Солено Езеро

Големото Солено Езеро во Јута е едно од најпознатите места во САД. Познато и како Мртвото море на Америка, тоа е најголемото солено езеро на западната хемисфера и е едно од најголемите езера во светот. Неговото постоење има клучно влијание врз климата во регионот, а истовремено делува и како туристички магнет што придонесува за благосостојбата на американската држава Јута. Но, според она што беше објавено за време на конференцијата на Геолошкото друштво на Америка, екосистемот на ова езерото е на работ од дефинитивна пропаст во рок од неколку години, што може да се случи поради комбинација од човечки активности и климатските фактори кои го празнат и го прават езерото сè посолено.

Тоа не е единствен случај, ниту изненадување, за некои кои ја следат состојбата со водените маси во светот. Мртвото Море во Јордан, Аралското Езеро во Казахстан, Салтонското Море и езерото Овенс во Калифорнија, езерото Поопо во Боливија, езерото Урмија во Иран - сите тие исчезнуваат (или веќе исчезнале) дури и побрзо отколку што било кој можел да предвиди. Една студија од Националното здружение Одубон покажа дека од девет западни солени езера, повеќе од половина се смалиле за 50% до 95% од нивните најрани регистрирани нивоа до денес.

Минатата година Геолошкото друштво веќе предупреди за брзото опаѓање на водостојот на Големото Солено Езеро, кое е сè посиромашно со вода и, следствено, сè побогато со сол. Вината е пред сè наша, секако. Големото Солено Езеро има три главни притоки (реките Џордан, Вебер и Беар), чиишто води биле пренасочени и канализирани во текот на изминатите сто години.

Во 2017 година, една студија процени дека приближно 3 трилиони литри вода се отстрануваат од езерото секоја година и се користат за потребите на земјоделството и како извор на вода за пиење. Ако не ова се додаде и фактот што Јута со години страда од катастрофална суша, тоа значи дека нивото на водата на Големото Солено Езеро постојано се намалува.

Сателитска фотографија од Големото Солено Езеро од август 2018 година по години суша, достигнувајќи речиси рекордно ниско ниво. Разликата во боите помеѓу северниот и јужниот дел на езерото е резултат на железничката патека. Сликата е добиена од сензорот MSI на сателитот Sentinel-2B (Резолуција: 20m, RGB композити: вистинска боја, опсег 4-3-2).

Она што не се намалува е содржината на сол во езерото. Па така оваа година се измерини концентрации од над 25%, додека просекот за Големото Солено Езеро е 15%. Хиперсолените и премногу плитки води од своја страна ја оштетуваат една од ретките форми на живот кои успеваат да живеат во езерото, микробиалитите, „теписите“ од алги и бактерии кои растат и формираат структури што наликуваат на корални гребени. Кога ќе се изнесат надвор од водата, микробиалитите се подложни на белење (исто како и морските корали). Дури и ако повторно се потопат во вода, потребно им е долго време за да се опорават, ако прво не се случи да умрат.

Микробиалитите се основата на целиот екосистем на Големото Солено Езеро, кој вклучува мали ракови и инсекти кои успеваат да преживеат во солта, а кои пак ги хранат птиците кои живеат на брегот од езерото. Масовното одумирање на микробиалитите може да има каскадни последици врз целиот екосистем. Без итни и радикални активности за зачувување, Големото Солено Езеро може да се соочи со катастрофа во рок од неколку години, ако не и месеци.

Клучни зборови:
Сателитска фотографија од Големото Солено Езеро

Сателитска фотографија од Големото Солено Езеро – розовата половина е најпогодена од активностите на човекот. фото: ESA/A.Gerst, CC BY-SA 3.0 IGO

Сателитска фотографија од Големото Солено Езеро од август 2018 година по години суша

Сателитска фотографија од Големото Солено Езеро од август 2018 година по години суша, достигнувајќи речиси рекордно ниско ниво. Разликата во боите помеѓу северниот и јужниот дел на езерото е резултат на железничката патека. Сликата е добиена од сензорот MSI на сателитот Sentinel-2B (Резолуција: 20m, RGB композити: вистинска боја, опсег 4-3-2).