Оштетувањето на гасоводот Северен тек, што носи природен гас од Русија до Европа, не е само политичко прашање: научниците дебатираат за влијанието што ова оштетување го има врз морињата, атмосферата и климата.
Ноќта помеѓу неделата 25 и понеделникот 26 септември, Северен тек 1 и Северен тек 2, двата главни гасоводи што пренесуваат природен гас од Русија кон Европа, претрпеа мистериозни оштетувања и истекувања на неколку места, последователно во рок од само неколку часа едно по друго. Истекувањето на гас од обете подводни структури што водат под површината на Балтикот до Германија првично беа откриени како пад на притисокот, но во вторникот, на 27 септември, веќе почнаа да циркулираат слики од гасот што избива од под површината на морето.
Дали се работи за саботажа? Извесно време, особено по инвазијата на Украина од страна на Русија, гасоводите Северен тек беа во центарот на дипломатската напнатост – низ нив минуваат испораките на гас од кои во Европа зависи за производство на енергија, додека Путин ги користеше како своевидно економско оружје како одговор на западните санкции.
Поставување на цевите од гасоводот Северен тек на дното на Балтикот во 2018 година
Оштетувањата на гасоводите се ретка појава, особено во ваков мал временски интервал: според данската управа за енергетика имало две истекувања од Северен тек 1 (едно во данските води и едно во територијалните води на Шведска) и едно истекување од Северен тек 2, во близина на данскиот остров од Борнхолм. И не се работи за мали пукнатини, туку големи дупки – затоа не стивнуваат гласините дека била извршена саботажа од страна на Русија (со цел да се поттикне енергетската зависност на Европа), но некои шпекулираат дека се работи за дело на САД (со сосема обратна цел од онаа на Русија). Засега ништо не може да се докаже, иако шведскиот национален центар за сеизмологија и германскиот истражувачки центар за геонауки објавија дека забележале две важни и јасно забележливи зголемувања на сеизмичката активност под Балтичкото Море во понеделникот на 26 септември – две експлозии, едната од утрото во 2 часот и 3 минути и другата вечерта 19 часот и 3 минути.
Во очекување на одговорите на различните шпекулации, треба да се замислиме и каква опасност оваа хаварија може да има врз животната средина? Научниците сè уште дебатираат за ова. Постојат спротивставени мислења за сериозноста на последиците што истечениот природен гас ќе ги има врз атмосферата и климатските промени. Природниот гас е фосилно гориво составено од 90% метан (CH4) и остатокот од мешавина на јаглеводороди и други гасови (азот, пропан, бутан, CO2). Оваа мешавина, која е формирана со распаѓање на биолошки материјал во текот на милиони години, се наоѓа во наслаги под површината на земјата или под морското дно.
Истекувањето од гас во данските територијални води снимено од воздух
Метанот е стакленички гас кој во првите 20 години по неговото ослободување во атмосферата има топлинска моќ 70 пати поголема од CO2 (иако, за среќа, тој во атмосферата останува помалку). Ниту еден од гасоводите не беше во функција во последниот период, но во обата имаше гас под притисок: во моментот на истекувањето низ 1234 километри долиот Северен тек 2, којшто беше завршен, но не и пуштен во употреба, течеа 177 милиони кубни метри природен гас.
Некои научници, како оние од германската еколошка организација Deutsche Umwelthilfe или експертот за биогеохемија од Универзитетот во Колорадо, Џо фон Фишер, запрашани од New Scientist, изјавиле дека сметаат дека истечениот гас ќе има ограничено влијание врз стакленичките гасови во атмосферата токму затоа што се работи за истекувања што се случиле под морската површина. „Кога метанот се ослободува во долниот дел на многу длабок слив, тој речиси целосно се оксидира од метанотрофните бактерии [бактерии што јадат метан] присутни во водените столбови“, објаснува фон Фишер. Во пракса, тој може да се распадне речиси целосно пред да стигне до атмосферата, оставајќи зад себе „само“ CO2, гас што е голем загадувач, но е помалку моќен стакленички гас.
Сепак, количината на гас што се губи од гасоводите може да направи разлика. Според Грант Ален, научник за животна средина, експерт за природен гас и атмосферски состав при Универзитетот во Манчестер, истекувањето би можело да биде толку огромно, а столбот од гас во водата толку чист и насилен што би било многу тешко за бактериите да имаат било какво дејство на ублажување.
Непосредното влијание што оваа хаварија ќе ја има врз морскиот свет во Балтикот тешко може да се исклучи. Истекувањето на гас ќе предизвика феномени на токсичност на вода локално, околу гасоводот, со штетни ефекти врз рибите, мекотелите и другите водни животни, особено оние кои се по природа статични или ,пак, се движат бавно.