Рубрика: Автомобилска техника
Кородирана шасија и сè е можно
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 20.09.2022 - 15:00

Речиси секогаш квалитетот на каросеријата на моторните возила (вклучително и шасијата каде што ја има) ја гледаме и оценуваме во однос на нејзиниот естетски аспект. Кај постарите возила, ако таа била ’рѓосана (скапана) лаички се задоволуваме со фактот што била закрпена во автолимарска работилница и си умислуваме дека е “како нова”. Ова е катастрофално поимање на нештата од оваа сфера! Ако пак се работи за модерно возило, кое настрадало во сообраќајна несреќа, исто така сме задоволни ако тоа било поправено во автолимарки сервис  каде биле исправени и испеглани згмечените делници, па повторно си умислуваме дека е “како ново” – одушевување што значи дека ништо не се познава од сударот! И ова е катастрофално поимање на нештата од оваа сфера за што ќе стане збор во некоја друга прилика. Во оваа прилика ќе ја прокоментираме приложената фотографија која го покрива првиот од двата случаи што беа споменати.

На фотографијата се гледаат два објекти. Во преден план (поблиску до нас како посматрачи) е задниот мост од еден автобус кој во текот на возењето испаднал од возилото прикажано погоре на истата фотографија. Задниот мост истовремено е и диференцијал, односно во него е сместен диференцијалот. Јасно е дека амортизацијата е со лиснати пружини и потпирањето е зависно. Класично старовременско и ефтино решение. Но, испаѓањето на задниот мост нема врска со ништо од претходно наброеното. Единствена причина за одделување на задниот мост од каросеријата на автобусот е корозијата. Имено, задниот мост преку пружините е прицврстен за шасијата или за каросеријата на автобусот. Местата на прицврстувањата биле кородирани при што е десеткувана носивоста на местата задолжени за прифаќање на задниот мост, односно на инерцијалните сили од каросеријата. Ова е мошне подмолна состојба која може да се открие од стручно лице дури во тек на техничкиот преглед. Овој сериозен дефект речиси и не може да се забележи со површно гледање од страна и при слаба светлина.

И што се случило во оваа прилика, т.е. неприлика? Автобусот некако си се движел по патиштата. Возачот со тек на времето се привикнувал на занесувањето на задницата од автобусот во правец лево-десно, додека истовремено, под дејство на инерцијалните сили присутни во кривина и при забрзувања и кочења, постепено попуштала и врската помеѓу задниот мост и каросеријата. И конечно, во една прилика кога автобусот бил целосно оптоварен со патници, возачот најверојатно имал потреба од нагло панично кочење, силата од кочењето предизвикала задниот мост да се откорне од своето лежиште – односно тој закочил, но заради слабата врска помеѓу него и каросеријата, каросеријата си продолжила напред, а тој се откорнал од своето лежиште. На ова погодува и случајот ако предните сопирачки биле неефикасни или реагирале со задоцнување.

Се случила вистинска катастрофа со можни жртви. Ова е една од причините поради што во високоразвиените држави, каде животот на човекот е на највисок пиедестал, не се толерираат автомобили и воопшто стари возила кои имаат навршено определен број години старост што со сопствен закон ги прецизира секоја држава. Едноставно, ако возилото е старо, не смееш да учествуваш во јавниот сообраќај со тоа возило. Вакво нешто кај ново возило не може да се случи! Но, може да се случи и кај возило крпено во автолимарски сервис, доколку поправката за санација на каросеријата не била стручно изведена.

Поука: Техничката исправност на возилото кое учествува во јавниот сообраќај е од највисока важност и во тој поглед не смее да има компромиси. Секоја забелешка од стручните лица кога нашето возило е на технички преглед потребно е да се испочитува без поговор. Само така ќе бидеме безбедни учесници во сообраќајот.

Клучни зборови: