Рубрика: Информатика
Метаверзум – предавање на професор Анис Сефиданис
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 12.09.2022 - 12:30

Во петокот, на 9 септември во касарната Хуб во Охрид, професор Анис Сефиданис одржа предавање на тема “Метаверзум“ со поднаслов “Судир на реалности и раѓање на нов свет“. Салата беше целосно пополнета и публиката со задоволство го проследи предавањето. Пред публиката се отвораа новите светови на виртуелната реалност која во содејство т.н. вистинска или реална реалност и совршените алгоритми на манипулации и целни подредувања на информациите создаваат еден Метаверзум или нов Универзум кој е реална замена за Универзумот но за добробит на човекот и во негова служба. И не само замена, туку и реалност. Всушност, оттука извира и поднасловот на ова предавање.

За остварување на оваа цел е впрегната целокупната достапна светска технологија, но најмногу од ИТ секторот, роботиката, вештачката интелигенција, машинското учење, биологијата... Секако, “науката над науките“ – философијата е на прво место поставувајќи морални и етички дилеми и обидувајќи се нив да ги разреши барем до следната итерација и секако можеби најважното: давање правец на развојот на новата технологија, како генерален (ако така може да се каже) така и моментален, како развојот на некоја актуелна фаза. Беше нагласено и дека во почетните стадиуми на развојот на некоја технологија правото и правните релации и устројства треба и мора да стојат настрана од тие развојни процеси како иновацијата без стеги и слободно би се развивала.

Ќе споделам само неколку примери за благодетите на Метаверзумот кои ќе бидат реалност во иднината која и не е толку далечна и недостижна. На пример, слободно виртуелно ќе можеме да се шетаме на Марс иако сме на Земјата. Впрочем, системот ќе симулира исто чувство и услови во даден момент како што владеат на Марс. Тоа е комбинација на реалноста и реалните информации за планетата добиени од роботизираното возило кое веќе е испратено на планетата и прибира податоци од планетата и вештачката интелигенција со која тие податоци се обработуваат и модерните технологии кои симулираат нова виртуелна реалност за човекот “напаѓајќи“ ги неговите сетила со што ја градат новата реалност. Друг многу интересен пример е професионалната асистенција од експерт за некој наш проблем кој треба да се разреши. На пример, расипана е разводната табла од куќната електрична инсталација. Ја отвараме таблата за да ја поправиме но заглавуваме на некоја позиција. Со оваа технологија во реално време ни се појавува виртуелен лик на експерт за електрична инсталација и ни помага и асистира во нашата поправка на дефектот. Трет пример е дека слободно можат да се прават аватари со неограничени можности дури и реални реплики на некој човек или историска личност. Едноставно, виртуелно можеме да воскреснеме веќе покојна личност и внесувајќи ги во базата неговите особини и алгоритми на однесување и размислувања да симулираме како таа воскресната личност би се однесувала во актуелново време, како би размислувала за денешниве наши проблеми и како би ги разрешила. Можеме да ги оживиме Александар Македонски, Алберт Ајнштајн и било кој ќе посакаме и да побараме совет или мислење за некој наш проблем. Друг пример би бил дека со оваа технологија можеме и навистина да работиме од далечина на другиот крај од светот без да почувствуваме никакви ограничувања што не сме таму: ние фактички иако сме во Охрид, истовремено сме и во Лос Анџелес. Едноставно, Метаверзумот нема лимити, а ако веќе се инсистира, единствен лимит е човечката имагинација.

На крајот, сесијата со одговори на поставените прашања спонтано се разви во бурна дискусија, која по неколку одлагања мораше насилно да биде прекината. Заглушувачкиот аплауз беше крунски доказ за задоволството од виденото и чуеното на ова предавање.

Нема сомнение дека секој јавен настап на проф. д-р Анис Сефиданис поврзан со популарни теми од науката, со потесен фокус на ИТ технологијата, роботиката и вештачката интелигенција, претставува своевиден бесценет бисер што го засенува дури и надалеку прочуениот охридски бисер. Авторот на овие редови, кој последниве години е редовен посетител на овие предавања, е убеден во тоа. Ќе приложам еден несоборлив доказ за ова мое тврдење – секое од предавањата на Анис завршува со бурна дискусија на актуелната тема, време за дискусии никогаш во доволна количина, а бурниот аплауз е јасен, искрен показател за задоволната публика.

Видео запис од предавањето:

 

Клучни зборови: