Во склоп на Фестивалот Браќа Манаки, синоќа во просториите на Завод и музеи Битола се одржа јубилејна изложба 140 години од раѓањето на Милтон Манаки. Без двоумење се одзвав на поканата да присуствувам. Изложбата има големо лично значење за мене, со оглед на тоа што лично го познавав и бев чест гостин на неговите изложби поставени во неговото атеље во близина на АК Битола.
По повод 140 години од раѓањето на Милтон Манаки во просториите на Завод и музеи се одржа изложба на неговата фото опрема и фотографии. Како што и напоменав, како битолчанец и редовен посетител на неговите изложби во неговиот дом, сведок сум на дел од неговиот животен пат.
Пред преполната сала во која беа изложени голем број на фотографии и делови од опрема – прочуената Камера 300, фотоапарати и негативи на стакло, – уводен збор даде директорот на Завод и музеи Битола, а потоа на присутните им се обрати Амбасадорот на Кралство Англија кој даде опширна елаборација за животот и делото на Милтон Манаки.
Кога зборуваме за Милтон Манаки неможеме да го избегнеме сознанието дека тој работел заедно со неговиот брат Јанаки и дека нивната работа чини една целина во создавањето на првите филмови и фотографии на Балканот и пошироко. Браќата Јанаки (1878 –1954) и Милтон (1882 – 1964) Манаки се родени во Авдела, Беломорска Македонија (денешна Грција), по потекло од влашко семејство.
Во 1905 година ги снимиле првите филмови на Балканот во градот Монастир, односно во Битола. Па така, во чест на нивното дело, секоја година во Битола се одржува Меѓународниот Фестивал “Браќа Манаки”.
Вкупно направиле над 17 300 фотографии на 120 локации ширум Балканот. Нивните фото и видео материјали го опфаќаат периодот од крајот на Османлиското присуство на Балканот, потоа Кралството Југославија (СХС) и, секако, поновата историја на Македонија во склопп на поранешна Југославија.
Во 1905 година, тие купиле камера Bioscope во Лондон и ја користеле за снимање повеќе теми од животот што ги опкружувал. Една интересна тема која е снимена е нивната 114 годишна баба како врти волна во Авдела. Снимале и посети на владини претставници, вклучувајќи ја посетата на султанот Мехмед на Македонија (1911), потоа посетата на српскиот крал Петар и принцот Александар (1913), како и кралот Константин и принцот Павле од Грција (1918). Но, снимале и локални фестивали и свадби, како и револуционерни активности.
Заедничка фотографија со организаторите на изложбата
Браќата Манаки во Битола го отворија и првото кино, кое функционирало најнапред како кино на отворено од 1921, а потоа било и покриено од 1923. Нивниот филмски архив беше депониран во Државниот архив на ФНРЈ 1955 година, а потоа тој е пренесен во Кинотеката на Република Македонија во 1976 година.
Она што радува е фактот што нивната работа и понатаму се чествува – се одбележуваат јубилеите, и се чуваат снимените материјали и фотографии кои даваат директни сведоштва за еден долг временски период.