Смртта на австралиската суперѕвезда Оливија Њутн-Џон го привлече вниманието на често погрешно разбраната фаза на рак на дојка – метастатскиот рак на дојка. Њутн-Џон за првпат беше дијагностицирана со рак на дојка во 1990-тите и помина 25 години во ремисија. Кога ракот се врати во 2017 година, овој пат во нејзиниот 'рбет, и кога таа почна да ги откажува закажаните концерти, нејзината состојба поттикна поголема јавна свесност за фазите на болеста.
“Иако е невообичаено ракот да се врати по повеќе од две децении ремисија, тоа сепак е можно, па токму затоа е важно жените, и сите кои претходно имале рак да продолжат со рутинските прегледи”, изјави Пет Халпин-Марфи, претседател и основач на ПА Коалицијата за рак на дојка. „Луѓето мислат дека ако веќе изминале пет години без проблеми, некако сте го избегнале најлошото“, вели Халпин-Марфи. Но, како што покажа случајот на Њутн-Џон, „останувате ранливи во било кое време“.
Еве неколку работи што треба да ги знаете за метастатскиот рак на дојка:
Што е метастатски рак на дојка?
„Метастатски“ значи рак кој се проширил од дојката на други делови од телото, како што се коските, црниот дроб и белите дробови. Метастатскиот рак на дојка, познат и како IV стадиум на ракот, не може да се излечи, иако третманите може да помогнат да се забави неговото ширење.
Како се терапира метастатскиот рак на дојка?
“Тоа зависи од видот на ракот на дојката и до каде се проширил”, вели Мелиса Мекшејн, доцент во Центарот за рак Фокс Чејс, којашто специјализира за рак на дојка. Вообичаени третмани за рак на дојка се хемотерапија, имунотерапија, хирургија со кои се отстрануваат туморите, и мастектомија, кога се отстрануваат градите.
Кога лекарите одлучуваат кој пристап за третман е најдобар, тие го земаат предвид и целокупното здравје на пациентите, нивниот начин на живот и нивните цели. На пример, некои пациенти можеби ќе сакаат да продолжат со агресивен третман, додека други може да одлучат дека несаканите ефекти и временската посветеност на третманот се премногу за нив.
Кој е изложен на ризик за метастатски рак на дојка?
И жените и мажите можат да развијат метастатски рак на дојка. Околу 30% од луѓето на кои им е дијагностициран рак на дојка во рана фаза на крајот ќе развијат метастатски рак на дојка, според Breastcancer.org. Околу 4% од карциномот на дојка се метастатски уште при првичната дијагноза.
Може ли да добиете метастатски рак на дојка иако сте направиле мастектомија?
Да. Мастектомијата, процедура при која дојката се отстранува хируршки, го намалува ризикот за ракот да се врати на истото место, но метастатскиот карцином на дојка по дефиниција значи рак на дојка кој се проширил надвор од градите. Луѓето може да развијат метастатски карцином на дојка неколку месеци, па дури и години по нивната првична дијагноза во рана фаза.
Колку долго може да живеете со метастатски рак на дојка?
“Тоа зависи од видот на ракот, каде тој се проширил, каков третман добиваат пациентите и како нивното тело реагира на третманот”, вели Мекшејн. Петгодишната стапка на преживување за метастатски карцином на дојка изнесува 29%, што значи дека само 29% од луѓето на кои им е дијагностициран метастатски карцином на дојка ќе бидат живи 5 години по дијагнозата, според Американското здружение за рак. Но, со примена на понапредните опции за третман, животниот век на пациентите со метастатски рак на дојка е значително подолг и овој тренд е во пораст.
Дали може да се спречи метастатскиот рак на дојка?
Не. Но, рутинскиот скрининг за рак на дојка може да ги зголеми шансите за детекција на овој вид рак уште во раната фаза, кога тој полесно за лекува. Рутински мамографи се препорачуваат за сите жени постари од 40 години.
Сара Ганц виа The Philadelphia Inquirer, LLC.