Нема некој друг развој на настаните во животот за личност како Назим Нада, роден во 1982 г. во САД, растел во северна Италија, а студирал и докторирал на два факултети во Англија (теоретска физика и практична математика), покрај забележителните хобија во падобранство и пилотирање авиони, освен да основа компанија за производство на електрични автомобили од висока класа во Милано. Компанијата ја основал во јуни оваа година (2022), а нејзиното име е AEHRA.
Уште на почетокот да стане јасно и да ги подредиме коцките – се работи за производство на премиум класа на возила што значи дека нивната цена е висока (и при пороизводство и при продажба). Тоа е момент што малкумина производители можат да си го дозволат затоа што треба и мора да се исфрли на пазарот производ од екстра висока класа, по сите параметри, којшто е недостижен сон за многумина кои се занимаваат со овој бизнис. Втор момент е дека тие возила ќе се комбинација на прочуениот и светски докажан италијански дизајн и врвна светска технологија од проверени добавувачи за компонентите и склоповите. И, секако, третиот момент е дека во продажбата ќе се применува веќе познатата американска маркетинг стратегија, на почеток за американскиот и европскиот пазар, а потоа ќе го напаѓаат и кинескиот пазар.
Назим Нада еден од двајцата основачи на АЕХРА
За почеток е планирано производство на три модела. Првиот eлектричен СУВ треба да излезе од погон во октомври оваа година, а во февруари следната година ќе биде претставена лимузината. За купувачите двата модели ќе се достапни од 2025 година. Третиот модел е спортски автомобил во конфигурација на седишта 2+2, но поконкретно за него ништо не е кажано.
Аехра СУВ ќе користат платформа со најнова батериска технологија која обезбедува автономија од дури 800 km. Ќе можат комотно да се сместат четворица NBA играчи, а на средината на седиштето ќе има место и за уште еден патник со висина од 180 центиметри. Истата платформа ќе ја користи и лимузината. Капацитетот на батериите изнесува 120 kWh. Двата автомобила ќе имаат лесна карбонска монокок шасија. Полнењето на батериите на автомобилите ќе биде досега најбрзо можно, со оглед дека е планирана напојувачка архитектура со напон од 850 V.
Дека од АЕХРА може да се очекува многу е знак и тоа што за шеф на дизајн го имаат човекот што ја дизајнираше Ламборгини Урса – Филипо Перини. Се разбира, ова беше додека тој сè уште работел за Ламборгини ;)
И на крајот нешто и за цената на овие автомобили. Таа ќе изнесува од 160 000 до 180 000 долари, а на годишно ниво би се произведувале од 20 000 до 25 000 возила.