Пред точно 3 години ЕМИТЕР и ФЕИТ потпишаа договор за соработка со којшто секое ново електронско издание на ЕМИТЕР, вклучително и претходните до 2015 година, станаа достапни за студентите и вработените на ФЕИТ во рамките на мрежата на нивниот матичен факултет. Со продолжување на соработката сега е обезбеден пристап уште подлабоко во архивата на претходни броеви на ЕМИТЕР (заклучно со 2013 година), со што студентите добиваат можност бесплатно да читаат стручни статии од нивната област, но и другите сегменти од науката и техниката што ќе го побудат нивниот интерес.
Брзиот и едноставен пристап до содржините на Емитер од последните 10 години секако ќе им биде од полза на студентите при студирањето, особено за вежбите, практичните проекти, семинарските и дипломските трудови.
Соработката на ФЕИТ со ЕМИТЕР во исто време претставува и сигнал дека ФЕИТ ја чувствува потребата за неформално дополнување на образованието на своите студенти и ја поддржува едукативната, информативната и научно-популарната мисија на списанието.
За мало потсетување на нашите читатели, токму на ФЕИТ (тогаш Електротехнички факултет – ЕТФ) во далечната 1995 година беше одржана промоцијата на првиот број од списанието ЕМИТЕР, кое тогаш беше исклучиво посветено на електрониката, телекомуникациите, информатиката, автоматиката, аудио и видеотехниката. Оттогаш до денес поминаа точно 27 години, при што се објавени над 200 броја на ЕМИТЕР и десетина книги и брошури. Токму затоа ФЕИТ беше првата образовна институција на која пред три години ѝ ја понудивме опцијата за групна претплата и таа, со воодушевување, беше прифатена од деканот проф. д-р Димитар Ташковски, и поддржана од повеќе професори.
Се надеваме дека и другите образовни институции, слично на ФЕИТ, ќе ги согледаат предностите на овој вид информирање и дополнителна едукација на нивните ученици и студенти и ќе ги искористат поволностите на групната претплата на електронското издание на ЕМИТЕР. И секако, да не заборавиме, ваквите претплати ќе дадат силна поддршка за натамошното опстојување и напредок на ЕМИТЕР, единственото македонско списание за популаризација и примена на науката и техниката.