Договорот за консултации со дизајнерот на iMac и iPhone заврши по само три години. Apple и сер Џони Ајв конечно се разделија, при што двете страни се согласија да го прекинат консултантскиот договор од 100 милиони долари, потпишан во 2019 година.
Според The New York Times, разделбата била заедничка одлука. Директорите на Apple почнале да ги преиспитуваат трошоците за договорот и заминувањето на неколку домашни дизајнери во компанијата LoveFrom на Ајв, пишува весникот, додека Ајв бил фрустриран што не можеше слободно да работи со други клиенти. Имено, договорот забранувал LoveFrom да преземе работа што Apple ја смета за конкурентна.
Со ова прекинува 30-годишната поврзаност помеѓу Ајв и компанијата од Купертино, на која тој и се приклучи во 1992 година. Некои од најпознатите производи на Apple – меѓу кои iPhone, Apple Watch, iMac како и многу други високопрофилни производи, веројатно не би се стекнале со статусен симбол без дизајнерскиот удел што Ајв го има во секој од нив. Впрошем за него и самиот Стив Џобс во една прилика ќе каже декa “Тој има повеќе оперативна моќ од кој било во Apple, освен мене”.
Навистина, по заминувањето на Џобс, Ајв беше веројатно најпознатиот и највидливиот член на горниот менаџерски тим на Apple, со неговите видеа на ултрасериозни монолози од “белата соба“ кои се познат дел од лансирањето на хардверот. Дури и сега неговото име се среќава во печатот многу почесто од повеќето директори на Apple.
Неговата ѕвезда брзо се издигна откако Стив Џобс се врати во Apple во 1997 година. Првично Џобс сакаше да регрутира голем шеф за дизајн надвор од компанијата, но набрзо стана очигледно дека тие двајца се сродни души. Со големата љубов кон Баухаус и макотрпната работна етика што неговиот татко јувелир ја всадил во него, Ајв навлегува во дизајнерскиот етос на Џобс повеќе од кој било.
Толку големо беше влијанието на Ајв што кога тој го напушти Apple во 2019 година, се збореше дека тоа е можеби уште поголем тест за компанијата од загубата на Џобс. Се чинеше дека ударот е ублажен кога Apple потпиша повеќегодишен консултантски договор со LoveFrom, иако не е јасно колкав придонес има тој во неодамнешните дизајни на Apple, како што се 24-инчниот iMac и 14-инчниот MacBook Pro.
Но, сега, кога Ајв се чини дека е отсечен од Apple многу порано од очекуваното, ќе видиме колку добро компанијата научила да живее без него.