Откако минатата недела беше објавен списокот на космички објекти кои Веб ги таргетираше за неговите први набљудувања, сите сме во исчекување на директниот пренос на НАСА на којшто ќе бид претставени првите фотографии. Преносот треба да се случи утре во 16 часот и 30 минути по македонско време, а во меѓувреме да видиме што може да очекуваме...
За првиот бран набљудувања меѓународната комисија составена од претставници од НАСА, ЕСА, ЦСА и Научниот институт за вселенски телескоп ги избра следните цели:
• Маглината Карина – една од најголемите и најсветлите маглини на небото, оддалечена околу 7 600 светлосни години од нас и сместена во јужното соѕвездие Карина. Маглините претставуваат ѕвездени јасли, односно места каде се формираат ѕвезди. Маглината Карина е дом на многу масивни ѕвезди, неколку пати поголеми од Сонцето.
• Џиновската планета WASP-96 b – екстасоларна планета составена воглавно од гас. Планетата, која се наоѓа на оддалеченост од речиси 1 150 светлосни години од Земјата, орбитира околу својата ѕвезда на секои 3,4 дена. Има околу половина од масата на Јупитер, а нејзиното откритие беше објавено во 2014 година.
• Маглината Јужен прстен или маглината на “Осум пукнатини“ – планетарна маглина (облак од гас) што се шири околу ѕвезда која е на крајот од нејзиниот животен циклус. Маглината има пречник од речиси половина светлосна година и се наоѓа на оддалеченост од отприлика 2 000 светлосни години од Земјата.
• Стефановиот квинтет – првата компактна група на галаксии откриена во 1877 година. Се наоѓа на оддалеченост од околу 290 милиони светлосни години од нас, во соѕвездието Пегаз. Четири од петте галаксии во квинтетот се вклучени во космички танц на постојани блиски средби.
• SMACS 0723 – масивни галактички јата во преден план што ја зголемуваат и искривуваат светлината на објектите зад нив, функционирајќи како гравитациски леќи што овозможувајќи подлабок и широк поглед кон екстремно далечните и суштински слабите популации на галаксии.
Првата фотографија од вселенскиот телескоп Џејмс Веб најнапред денес ќе биде прикажана на американскиот претседател Џо Бајден, брифинг на Белата куќа закажан за 23 часот. Сликата во облик на “тизер” ќе биде и претставена најавноста во директен пренос на nasa.tv
Сепак, официјалното претставување на првите слики од JWST е, како што веќе кажавме, закажано за утре во 16 и 30 часот по македонско време, кога може да очекуваме повеќе детали за првите откритија презентирани директно од тимовите на НАСА, ЕСА, ЦСА и Научниот институт за вселенски телескоп.
Објавувањето на овие први слики го означува официјалниот почеток на научните операции на Веб, кои ќе продолжат да ги истражуваат клучните научни теми на мисијата. Повеќе научни тимови веќе имаат аплицирано за користење на телескопот, и веќе има солиден избор за првиот „циклус“на набљудувања.
Целиот настан во живо ќе може да се следи тука