Тајландската фармерска заедница соработуваше со Универзитетот Чианг Маи на уникатен експеримент – во храната на одгледуваните кокошки се додавал канабис наместо антибиотици. Одлуката е донесена откако епидемија на птичји бронхитис ги зарази сите кокошки, и покрај тоа што тие ја добиле нивната доза од антибиотикот. Според тајландскиот национален дневен весник, резултатите се чини дека се позитивни – кокошките повеќе не се болни, а месото и јајцата дури се подобриле во квалитетот, пишува тајландскиот весник The Nation.
Во експериментот учествувале над илјада кокошки на кои им бил даван канабис на различни начини – директно од лисјата или со пиење некаква „инфузија“. Во листовите, нивоата на тетрахидроканабинол (THC), психоактивната супстанција на растението, и канабидиол (CBD), соединение што се користи како природен лек за анксиозност, се движеле од 0,2 до 0,4%.
Како што појаснува координаторот на експериментот Чомпунут Лумсангкул, истражувачите се обиделе на кокошките да им ја одредат вистинската количина на канабис, што ќе го подобри нивниот имунитет и перформанси без да има негативни ефекти за нив.
Во последно време Тајланд малку ги ‘омекна’ законите против канабисот. Таа стана првата азиска држава што го декриминализираше, но и покрај тоа пушењето за рекреативни цели е сè уште забрането. На Тајланѓаните сега им е дозволено да одгледуваат и да продаваат храна и пијалоци на база на марихуана и канабис, но само ако тие содржат помалку од 0,2% тетрахидроканабинол.
Што се однесува до неговиот ефект врз кокошките, не е јасно зошто тој бил позитивен. Според Лумсангкул, канабисот можеби го стимулирал здравјето и имунитетот на цревата, а со тоа ги подобрил перформансите. Нема сомнеж дека истражувањето е сè уште во зародиш. Лумсангкул има намера да спроведе и втора студија со зголемување на дозите на канабис и да го набљудува неговото влијание врз болеста на кокошките и стапката на смртност меѓу нив.