Рубрика: Омнибус
Промоција на најновата генерација дипломци и магистри на ФЕИТ
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 20.06.2022 - 12:30

По две години пауза поради пандемиските услови, ФЕИТ организираше свеченост за промоција на 181 кандидат кои ги завршија студиите од првиот и вториот циклус на ФЕИТ. Промоцијата се одржа пред широка публика која го вклучуваше ректорот на УКИМ, како и проректори, декани, продекани, професори, претставници од компаниите, претставници на ФЕИТ Алумни, родители, студенти, и пријатели на магистрите и дипломците.

Патот до целта започнува со мали чекори. А првите чекори во академскиот свет на речиси секој студент се најчесто несигурни, полни со сомневање во своите можности и безброј прашања од типот: Дали ќе успеам? Сите овие стравови се испишани на лицата на бруцошите со кои се среќавам како професор, кој предава токму во прва година. Низ студентските клупи, паралелно со процесот на учење, започнува еден чудесен процес на трансформација, кој со текот на годините резултира во стекнување мудрост, искуство и самодоверба. Во петок навечер во зградата на Македонската Филхармонија ФЕИТ организираше свеченост за промоција на 181 кандидат кои ги завршија студиите од првиот и вториот циклус на ФЕИТ, а од нив вкупно 40 студенти се стекнаа со звањето магистер.

На дипломците и магистрите ги поздравија и со свое обраќање им честитаа за успехот им проф. д-р Никола Јанкуловски, ректорот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” и проф. д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ.

"Ова е вашиот момент да ги искористите вашите вештини, вашето знаење и вашата страст за да го обликувате светот! Следете ги вашите соништа. Светот сега е Ваш и со нетрпение чекаме да видиме што ќе направите од него. Најискрено се надевам дека светот ќе го обликувате од дома, од Македонија со што ќе придонесете за развојот на државата. Македонската индустрија тешко може да ги следи брзите промени кои, во последните десетина години, ги донесоа новите технологии. На Македонија и се неопходни инженери како Вас", – порача Ташковски.

Од ФЕИТ соопштија дека во последните неколку месеци, деканската управа имала состаноци со пет светски реномирани компании кои планираат да отворат истражувачки центри во државава од различни области на електротехниката и информациските технологии за кои се потребни високообразовани кадри.

"И конечно, се надевам дека одреден број од вас ќе се обидат да формираат стартап компании и ќе се осмелат да креираат нови иновативни производи и услуги со што ќе придонесат за развојот на економијата. Убеден сум дека имате широко знаење, имате идеи, се надевам ќе имате и храброст да пробате сами да реализирате некои од тие идеи. Притоа, не плашете се од неуспех. Невозможно е да се живее живот без одреден неуспех, освен ако не живеете живот без предизвици (кој е премногу монотон). Затоа ризикувајте. Поставете цели. Одете понекогаш и по споредни патишта кои неизбежно се појавуваат. Доколку го промашите патот лесно може да изберете друг. Имате знаење и искуство тоа да го направите“, – заврши деканот.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професор д-р Никола Јанкуловски, ја изрази својата огромна среќа за промоцијата на инженерите и магистрите.

"Веќе ги земавте вашите дипломи. Тоа не е само парче хартија напишана со стилизирани букви. Тоа претставува најмалку четиригодишен збир на спомени, на непроспиени ноќи, на нервозни чекања, на среќни положени испити, на многу учење, труд и енергија. Микс на задоволство од успехот што го славиме вечерва. Затоа бидете горди што сте носител на таа диплома која Ве внесува во светот на високо-образованите граѓани на човештвото. Горди до степен на одговорност кон самите себе – да изградите уште поубава иднина за Вас како личност. Горди до степен на одговорност кон вашите родители– да бидете успешен претставник на фамилијата. Горди до степен на одговорност кон средината во која созревате – за да и помогнете полесно да езгистира во лавиринтот на инженерството", порача Јанкуловски.

Што велат бројките за оваа генерација?

Просечната оцена  на студирање што ја постигнале студентите е 8,17, а просечното времетраење на студирањето на овие студенти кои дипломирале на четиригодишните студии по ЕКТС во период мај 2021 до мај 2022 година изнесува 5 години, 2 месеци и 12 дена. 60 од овие 141 студенти, студиите ги започнале во учебната 2017/18 година, односно студиите ги завршиле во предвидениот рок од 4 години. Најкусиот временски период во кој се завршени додипломските студии од оваа генерација е 3 години 9 месеци и 17 дена. Дури 73 од промовираните инженери, или 52% се девојки, што е околу 4 пати повисок од европскиот просек за вклученоста на жените на техничките факултети! 13-мина од штотуку промовираните инженери кои своите студии ги започнале во 2017/18 година завршиле со просечна оценка над 9.

Покрај промоцијата на новите инженери и магистри, беа доделени и неколку награди:

• Наградата Атанаско Кантарџиев од фондацијата „Атанаско Кантарџиев“, за најдобриот студент од оваа генерација – Наум Димитриески. Наградата ја врачи деканот на ФЕИТ.

• Македонскиот национален комитет при Меѓународната конференција за големи електрични системи – МАКО СИГРЕ додели награда на најдобрите дипломирани студенти од електроенергетските студиски програми на Факултетот. Наградите ги врачи претседателот на МАКО СИГРЕ,  г-дин Сашо Салтировски, а добитници беа: Димитровски Ѓорѓи, ЕАОИ; Андонов Војдан, ЕЕС; Мурџева Милица, ЕЕУМ.

• Наградата Инженерски прстен, под покровителство на Претседателот на Република Македонија, којашто е резервирана за најдобрите дипломирани инженери од десет факултети на петте најдобро рангирани универзитети во Републиката, ја доби Наум Димитриески, кој дипломираше на студиската програма Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика со просечна оцена 10,00. Плакетата  на  Инженерската институција и на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија  ја додели претседателот на Комората м-р Кристинка Радевски.

За крај во името на сите дипломирани студенти на присутните им се обрати Наум Димитриески.

Со тоа завршивши официјалниот дел од промоцијата, а по задолжителните фотографирања, следуваше заедничко дружење во фоајето на Македонската филхармонија.

Клучни зборови:
Присутните имаа можност да уживаат во звуците генерирани од академските музичари, членови на гудачкиот квартет Вива стрингс.

Присутните имаа можност да уживаат во звуците генерирани од академските музичари, членови на гудачкиот квартет Вива стрингс. Уживањето беше мултиплицирано со перформансот на танцовата компанија x2

Ректорот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” - проф. д-р Никола Јанкуловски

Ректорот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” - проф. д-р Никола Јанкуловски

Заедничка фотографија на професорите, магистрите, дипломците и дел од нивните родители

Заедничка фотографија на професорите, магистрите, дипломците и дел од нивните родители

Најдобриот студент од оваа генерација – Наум Димитриески

Најдобриот студент од оваа генерација – Наум Димитриески

Деканот на ФЕИТ - проф. д-р Димитар Ташковски,

Деканот на ФЕИТ - проф. д-р Димитар Ташковски, 

Заедничка фотографија на професорите, магистрите, дипломците и дел од нивните родители

Заедничка фотографија на професорите, магистрите, дипломците и дел од нивните родители