Во азиското тргување биткоинот денеска падна на најниското ниво во последните 18 месеци. Резултатот е поттикнат од загрижувачките податоци за инфлацијата во Соединетите американски држави кои предизвикаа аверзија кај инвеститорите кон инвестирање во ризични средства.
Како што пренесува „Блумберг“, по пазарната капитализација најголемата светска криптовалута падна за цели 8,9%, достигнувајќи цена од 24 903,49 долари за 1 биткоин, што е најниско ниво од декември 2020 година.
Другите дигитални токени исто така ослабеа бидејќи продажбата е во пораст.
Индексот MVIS, кој ја мери вредноста на 100 водечки криптовалути, падна за 9,7%.
Аналитичарите велат дека криптовалутите се во првите редови на монетарната политика на Федералните резерви, кои оваа недела треба да одлучуваат за ново зголемување на референтната каматна стапка со цел да се олади високата инфлација. Некои дури проценуваат дека биткоинот може да падне под 15 000 долари, па дури и до едноцифрена сума во илјадници долари поради општата макро средина и нивото на страв што го зафати пазарот.
Трговците се повеќе се обложуваат на поагресивно зголемување на каматните стапки на Федералните резерви, откако минатиот петок беше објавено дека инфлацијата во САД достигна 8,6% во мај во споредба со истиот месец во 2021 година, што е највисоко ниво од декември 1981 година.