Posidonia australis е древна и неверојатно издржлива морска трева која беше откриена во Заливот на ајкулите (Shark Bay), Западна Австралија. Таа е стара најмалку 4 500 години и се распостила на простор од 180 километри во плитките океански води од заливот.
Проучувајќи ја генетската разновидност на ливадите со морска трева во Заливот на ајкулите, австралиските истражувачи откриле дека овие подводни ливади всушност претставуваат едно единствено растение или „клон“ од истата единка. Возбудливиот наод беше објавен во Proceedings of the Royal Society B.
Тимот зел примероци од бусените на морска трева ширум Заливот на ајкулите, област којашто е дел од светското наследство и е под заштита на УНЕСКО. Потоа, користејќи 18 000 генетски маркери, тие генерирале своевиден “отпечаток од прст“. Резултатите ги воодушевиле истражувачите бидејќи се работело за едно единствено растение, распослано на 180 km вдолж заливот, што го прави најголемо растение на планетата!
Карта на Заливот на ајкулите, Гатаагуду, Западна Австралија. Дистрибуција на постојаната покривка од морска трева (густа и ретка) од 2016 година. Сите локации освен една (локацијата 7) се чини дека се дел од истата полиплоидна индивидуа.
P. australis има полиплоидија, што значи дека има целосни групи на хромозоми. Ова е вообичаена појава кај растенијата, како и кај некои видови риби, водоземци и пијавици. Posidonia, исто така, има способност да се размножува преку клонирање што се постигнува преку вегетативен раст со проширување на хоризонталните ризоми (подземните стебла на растенијата).
Се чини дека постоечките 200 km2 ливади од морска трева од овој вид потекнуваат од еден, единствен колонизирачки расад. Имено, умножувањето на целиот геном по пат на полиплоидија, удвојување на бројот на хромозоми, се случува кога диплоидните „родителски“ растенија се хибридизираат. Новиот расад содржи 100% од геномот од секој родител, наместо да ги дели вообичаените на 50%.
За да ја пресметаат возраста на полиплоидната единка, истражувачите ја искористиле вкупната проценета површина на ливадите од P. australis во Заливот на аклулите (околу 200 km2), и ја поделиле со бројката за конзервативната проценка на опсегот на годишно проширување на ризомот (15 cm до 35 cm годишно). Притоа била пресметана минимална возраст од 4500 години за растението.
Единственото растение или „клон“ на морската трева Posidonia australis во плитките, облеани со сонце води во Заливот на ајлулите.
Полиплоидните растенија честопати живеат на места со екстремни еколошки услови, честопати се стерилни, но можат да продолжат да растат ако не се вознемируваат, а оваа џиновска морска трева го направила токму тоа.
Иако комбинацијата на полиплоидија и клоналност овозможила морската трева да се прошири во географски голем предел низ разновидни еколошки живеалишта, истражувачите се изненадени што оваа единка е толку успешна.
Сега во Заливот на ајкулите е поставена серија од експерименти во ливадите со морската трева, за подобро да се разбере како ова растение успеало да преживее и да ги надмине своите диплоидни соседи, толку долго време и во така променливи услови.