Инстаграм (Instagram) неодамна објави дека ќе започне подетално да ја проверува возраста на своите корисници. Апликацијата сега активно работи на тоа споделувањето на датумот на раѓање да биде задолжително за сите корисници. Социјалната мрежа ќе биде забранета и за деца помлади од 13 години, а прозорецот со кој се бара да ја потврдите вашата возраст не ќе може да се прескокне по новото ажурирање.
Проверката за возраста на корисникот беше опционална во апликацијата Инстаграм и започна да се користи во 2019 година. Досега корисниците можеа да ја игнорираат или да ја прескокнат оваа опција, но отсега тоа веќе нема да биде возможно. Корисниците кои внесуваат лажен датум на раѓање ќе бидат блокирани.
По новото ажурирање, што најверојатно ќе се случи овој месец, пристапот до Инстаграм нема да биде можен сè додека не го наведете вашиот роденден, дури и ако сметката е наменета за компанија или домашни миленици. Сепак, датумот на раѓање нема да биде јавно објавен.
За да спречи внесување на лажен датум и да ја препознае возраста на корисникот, апликацијата ќе ги користи своите познати алгоритми. Ќе ја провери заедницата со која корисникот е во контакт, роденденските честитки, па дури и други сметки, како што се сметката на Facebook или на Gmail.