Вчера НАСА објави уште една серија воодушевувачки фотографии направени од вселенскиот телескоп Џејмс Веб. Како што укажува официјалниот блог на мисијата, фотографиите најнапред биле претставени на утринската прес-конференција, на којашто е презентиран и детален извештај за состојбата на Веб додека се во тек процедурите за нагодување и усогласување на камерите.
Фотографијата подолу го прикажува нашиот најблизок галактички сосед – Големиот Магеланов Облак, виден низ “очите” на вселенскиот телескоп Веб. Фотографијата е снимена со помош на MIRI инструментот, специјализиран за фотографирање во средно инфрацрвеното подрачје, на бранова должина од 7,7 микрони. На неа е прикажан дел од Големиот Магеланов Облак каков што досега не сме го виделе.
Големиот Магеланов Облак е мала, сателитска галаксија на нашиот Млечен Пат, дом на густи ѕвездени јата, па на инженерите им послужи како сосема соодветно поле за тестирање на можностите на Веб. Сликата на Веб го прикажува меѓуѕвездениот гас во невидени детали – можете да ја забележите емисијата од „полициклични ароматични јаглеводороди“, односно молекули од јаглерод и од водород кои играат важна улога во топлинската рамнотежа и хемијата на меѓуѕвездениот гас.
На сликата подолу, можете да ја забележите разликата во фотографиите, каде во фокус е даден истиот детаљ од галаксијата ГМО, споредени со оние направени од инфрацрцената камера на телескопот Спицер. Како што потсетуваат од НАСА, опсерваторијата Спицер, којашто е веќе “пензионирана”, беше една од првите што обезбеди слики со висока резолуција од универзумот, како во блиското така и во средното инфрацрвено браново подрачје.
Како што веќе повеќепати пишувавме вселенскиот телескоп Џејмс Веб ќе ги започне научните набљудувања ова лето. Примарното огледало на Веб, во комбинација со подобрените детектори, ќе им овозможи на научниците многу поостар поглед на небото во инфрацрвеното подрачје, што значи можност за повеќе потенцијални астрономски откритија во длабоката вселена. Очекувањата се дека инструментот MIRI, ќе им помогне на астрономите за проучување на настанокот на младите ѕвезди и на протопланетарни системи.
Иднината на астрономијата се забрзува како никогаш досега, а чувството е дека загатките од историјата на универзумот наскоро ќе започнат да се расплетуваат непосредно пред нашите очи. И ова ќе е само почеток.