Потеклото на животот е една од најголемите мистерии на оваа планета: како изнедриле првите органски молекули и зошто тие се групирале во уште покомплексни форми? Која била искрата што ги трансформирала неколкуте хемикалии во првите рани форми на живот? Една од најакредитираните хипотези за старт на животот вклучува искра: идејата, за прв пат претставена во 50-тите години од минатиот век, е дека ровјите (громовите) што паѓале на исконската Земја биле катализатор при првите процеси за формирање на органски молекули.
Сега, оваа хипотеза беше повторно тестирана во лабораторија, користејќи нови информации за составот на атмосферата на Земјата од пред четири милијарди години, и беше откриено дека во тоа време појавата на молњи била поретка отколку денес, што значи дека создавањето на почетната “искра” за стартување на животот било мошне тешко. Студијата е објавена деновиве во Geophysical Research Letters.
Први кои ја предложија идејата дека молњите и громовите биле катализатори за настанокот на животот биле американските хемичари Стенли Милер и Харолд Ури, во 1952 година. Според нив, атмосферата на раната Земја била составена воглавно од метан и амонијак. Обајцата експериментирале со својата идеја така што создадената мешавина од гас, спакувана во стаклени шишиња, ја изложувале на електрични празнења. Експериментите биле реанализирани во 2007 година при што било докажано дека при овој процес биле создадени околу 20 различни аминокиселини. Резултатот бил мошне охрабрувачки, но со текот на времето ја ставија неговата изведба под знак прашалник.
За ова, пред сè, “виновни” се новите теориите за составот на исконската атмосфера. На пример, во 1993 година Џејмс Кастинг предложи нова теорија според која атмосферата пред 4 милијарди години се состоела воглавно од јаглерод диоксид и од азот, а не од метан и од амонијак.
Кристоф Кен од Техничкиот универзитет во Данска ја стави оваа теорија на тест, фокусирајќи се особено на почетната фаза од формирањето на молњите, искрата – создадена со низа верижни судири меѓу електроните – што го предизвикува феноменот. Кен се обидел да генерира молња во три различни запечатени шишиња. Едното содржело мешавина на гас чијшто состав одговарал на оној од исконската атмосфера на Земја, според Милер и Уреј. Второто шише било исполнето со мешавината предложена од Кастинг. И, конечно третото шише содржело мешавина од гасови коишто го пресликуваат моменталниот состав на атмосферата на Земјата.
Она што било откриено е дека, под условите предложени од Кастинг, за генерирање на молњите биле потребни посилни електромагнетни полиња, што значи дека пред четири милијарди години на Земјата имало многу помалку атмосферски електрични празнења. Според Кен, ова би можело да значи дека, иако животот на Земјата стартувал буквално со удари од гром, процесот веројатно траел многу подолго од она што досега се сметаше, бидејќи имало помалку енергија на располагање од претпоставеното.