На 22.4.2022 година во Парк шумата Гази Баба одржан е собир на неформалната радиоаматерска „Z3 Портабал Група“. Членовите поставија неколку портабал самоизградени и комерцијално изработени кусобранови радиостаници, напојувани со независно батериско напојување, како и вертикални и жичени антени наменети за работа од издвоени локации. Освен презентирањето на различните концепти на портабли за моторизиран и немоторизиран пристап до локации, одржани се и радиоврски со мала излезна моќност на предавателите.
Дел од членовите и гости на “Z3 портабал група”
Во оваа прилика, долгогодишниот радиоаматер Владимир Ковачески, Z35M кој што е основач на групата, ја одржа својата 500 илјадита радиоврска, што претставува досега најголем број остварени радиоврски во земјава, а е воедно и ретко постигнување во светски рамки. Овој импозантен број на радиоврски Ковачески ги има остварено од 1984 наваму, најчесто користејќи едноставна опрема и мала излезна моќност до 100 W.
В. Ковачески, Z35M при одржувањето на 500 илјадитата радиоврска
„Z3 портабал група“ има 22 члена и основана е во 2016 година со цел да промовира радиоаматерски операторски активности од издвоени локации на отворен или затворен простор со самостојно привремено поставени радиоуред, антенски систем и независно напојување. Реализирани околу 1200 портабал активирања од земјава и од странство.