Оригиналната студија за HR 6819 ги привлече вниманието на научниците но и на медиумите. Авторите на трудот воопшто не беа изненадени од тоа што сите беа заинтересирани за нивното откритие за црната дупка. Астрономите беа убедени дека најдобро објаснување за податоците со кои располагаа, добиени со помош на 2,2 метарскиот телескоп MPG/ESO, е дека HR 6819 всушност претставува троен систем – ѕвезда која орбитира околу црна дупка на секои 40 дена и втора ѕвезда којашто се наоѓа во многу поширока орбита. Но, истражувањата предводени од Јулија Боденштајнер предлагаат различно објаснување за истите податоци – HR 6819 можеби е систем со само две ѕвезди во 40-дневна орбита, без никаква црна дупка!
Ова алтернативно сценарио би значело дека една од ѕвездите била “соголена“, односно дека во одреден момент од нејзиното постоење таа изгубила голем дел од својата маса предавајќи ја на нејзиниот бинарен пар.
Регионот на небото во соѕвездието Телескоп каде што се наоѓа HR 6819. Сликата претставува колаж од фотографии добиени со Digititalzed Sky Survey 2. При темна ноќ без облаци, обете ѕвезди во HR 6819 се видливи со голо око од јужната хемисфера на Земјата (фото: ESO/ Digititalzed Sky Survey 2)
За да ја решат мистеријата, двата тима се здружиле во собирањето на нови, поостри податоци за HR 6819 користејќи ги VLT телескопот на Европската јужна опсерваторија и интерферометарската опсервациска постројка VLTI. Според еден од авторите на оригиналниот труд употребата на VLTI понудила единствена можност за добивање на податоци кои би биле пресудни за да се направи разлика помеѓу двете објаснувања. Обата тима биле согласни дека во системот има два извори на светлина, па требало да се добие само одговор на прашањето дали тие орбитираат во непосредна близина еден околу друг, како во сценариото на соголени ѕвезди, или пак се во многу поширока орбита, како во сценариото со постоење на црна дупка.
За да се направат разлика помеѓу двата предлога, астрономите ги користеле инструментот VLTI GRAVITY и инструментот Multi Unit Spectroscopic Explorer (MUSE) на VLT. MUSE потврдил дека во пошироката орбита не постои светол придружник, додека високата просторна резолуција на GRAVITY утврдила дека двата светлосни извори се наоѓаат на раздалеченост од само една третина од растојанието помеѓу Земјата и Сонцето. Овие податоци се покажаа како последно парче од сложувалката што им овозможило на астрономите да пресечат – HR 6819 претставува бинарен систем без црна дупка.
Мапата ја прикажува локацијата на HR 6819 во соѕвездието Телескоп. На неа се прикажани повеќето ѕвезди видливи со голо око под добри услови, додека самиот систем е означен со црвен круг. (фото: ESO/ Digititalzed Sky Survey 2)
Новоформираниот заеднички тим Leuven-ESO сега планира поблиску да го следи бинарниот систем HR 6819 со помош на инструментот GRAVITY на VLTI. Истражувачите ќе спроведат заедничка студија за промените во системот со текот на времето, со цел подобро да ја разберат неговата еволуција, неговите својства и да го искористат ова знаење за да дознаат повеќе за другите бинарни системи.
Што се однесува до потрагата по црни дупки, тимот останува оптимист. Црните дупки со ѕвездена маса се откриваат мошне тешко поради нивната природа, но се проценува дека само во Млечниот Пат постојат од десетина до стотици милиони црни дупки. Прашање на време е само кога астрономите ќе ги откријат.