По двегодишна пауза, Планетариумот во МКЦ започнува со работа. Заинтересираните повторно ќе имаат можност да учат за планетите, за ѕвездите, за сите светли и темни нешта во вселената, за сè околу нас.
Притоа работното време на Планетариумот не е со фиксен термин, туку сите посети и резервации на просторот се организираат во договор со Младинскиот културен центар и предавачите. Предавањата за закажаните групи на посетители ги реализираат ценетите предавачи Моника Пешевска и Радан Митровиќ. Притоа содржините на предавањата се прилагодуваат на возраста на посетителите.
Скопското Астрономско Друштво веќе ги резервира 3 и 4 март за одржување на серија предавања, закажани во два термини, од 19 и 20 часот. На предавањата ќе може да видите симулација на ноќното небото ослободено од облаци и светлосно загадување. Предавачот и член на астрономското друштво, Радан Митровиќ, ќе ве запознае со најинтересните и најважните соѕвездија и објекти, како и со календарите и нивната поврзаност со ноќното небо.
Централна улога има планетариумот и неговата волшебна способност да ни го долови ноќното небо со преубав приказ на ѕвездите, да ни покаже како тоа се менува кога се наоѓаме на разни позиции на земјината топка, но и да го забрза текот на времето, а со тоа и движењето на ѕвезденото небо над нас.
Предавањата се адаптирани за лица над 10 години, додека предавањето со термин во четврток од 19 часот, ќе биде дополнително прилагодено за деца.
Планетариумот е во состав на Младинскиот културен центар (МКЦ), а влезот е од страната што гледа кон зградата на Македонската радиотелевизија. Билетите, кои се во строго ограничен број, може да ги набавите на билетарницата на МКЦ по цена од 150 денари.
Условите за посета на Планетариум се во согласност со постојните официјални протоколи за справување со пандемијата предизвикана од ковид-19. Максимален број на посетители на едно предавање во Планетариум е 30 лица. Сите посетители треба да носат заштитна маска за време на предавањата.