Рубрика: Психологија
Дали психопатијата е машки проблем?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 23.02.2022 - 12:30

Науката се обидува да разбере зошто многу повеќе ладнокрвни убијци се мажи отколку жени. Ако помислите на познат сериски убиец или тема на вистински криминалистички документарец, големи се шансите да ви падне на ум машки лик – и тоа со добра причина. Повеќето криминалци се мажи, во голема мера.

Според податоците на Австралиското биро за статистика, на пример, само помалку од 8% од затворениците се жени. А Австралија не е аномалија. Во светот најголем дел од криминалните дејствија, особено насилен криминал и оној од сексуална природа, го извршуваат мажи. Всушност, овој родов диспаритет во еден момент, не така одамна, ги наведе криминолозите да се запрашаат дали можеби хромозомот Y, кој го има само кај мажите, е на некој начин одговорен за ваквото радикално асоцијално однесување.

Сепак, деновиве аргументот “мажите не можат поинакусè повеќе губи на тежина. Наместо тоа, истражувачите ја разгледуваат важноста на општествените односи и како разликите во машките и женските животни искуства можат да придонесат за овој тренд.

Според Скот Џонсон, психолог и независен консултант кој обезбедува форензичка обука од областа на менталното здравје за органите на прогонот и за обвинителите, апсолутна заблуда е дека сите социопати и психопати се мажи, иако веројатноста оваа карактеристика да ја поседува жена е многу помала. Иако, обете состојби се релативно ретки – грубо пресметано, само еден процент од општата популација се психопати, додека уште два или три проценти би можеле да бидат социопати.

Психопатите и социопатите се два различни типа на екстремно асоцијално однесување. Обата се способни за насилство опасно по живот и не се грижат за чувствата на другите поединци. Сепак, постојат клучни разлики. Психопатот се раѓа со нефункционален мозок, кој не дозволува нормални социјални интеракции, додека социопатот е роден со нормален мозок, но тој не се развил правилно честопати поради тоа што претрпел одредена психолошка траума како дете. Психопатите имаат способност да го одложат задоволството што го носи наградата, па затоа се способни прецизно да ги испланираат своите злосторства, поради што честопати се опишуваат како зли генијалци. Социопатите, од друга страна, имаат помалку контрола врз своите емоции и веднаш се бунат кога се лути; сè на сè тие имаат пониско ниво на интелигенција од психопатите.

Според Џонсон, за секоја жена психопат се смета дека постојат најмалку седум мажи психопати. Но, податоците за ова не се баш најпрецизни и опсежни, па постои одредена  веројатност дека има недоволно дијагностицирани женски психопати. Како што пишува форензичкиот психолог Џони Џонстон на оваа тема: Статистичката слика можеби е искривена поради тенденцијата на нашата култура различно да го толкува истото психолошко однесување, во зависност од тоа дали починителот е маж или жена. Па така, не е невообичаено затвореничка која јасно ги исполнува дијагностичките критериуми за психопатија да добие друга дијагноза, најчесто гранично растројство на личноста“.

Џонсон се согласува со колешката во тоа дека жените престапнички не се третираат подеднакво како и мажите.

Сепак, постојат познати примери на жени-психопати, кои докажуваат дека жените можат да бидат подеднакво “способни” како и мажите кога станува збор за грозоморни злосторства. Земете го, на пример, случајот на Хејзел Дулси Бодсворт. Во текот на 1950-тите, таа ладнокрвно го убила својот сопруг и уште двајца други мажи. Таа била мошне популарна и сакана во градот, дури и на полицајците за кои честопати им носела домашни печива. Дури откако нејзината ќерка ги поврзала точките, властите најнапред почнале да се сомневаат во неа, а потоа поминале цели пет години пред таа да биде уапсена. Властите едноставно не можеле да ја прифатат идејата дека една мајка на четири деца е способна за убиство.

И ова воопшто не е изненадувачки психопатите се исклучително вешти во тоа да го избегнат нивното откривање. Честопаи тие се однадвор многу шармантни, што е токму тоа што ги прави многу опасни.

Како што заклучува Џонсон: „Во моите повеќе од 30 години поминати во интервјуирање на ваквите престапници откако тие биле осудени, она што можам да го кажам е дека тие се попаметни од нас и затоа, кога се пријателски расположени, морам да застанам и повторно да ги проверам моите белешки за да се потсетам зошто се наоѓам таму“.

 

Извор Discover Magazine

Клучни зборови: