После речиси 6 недели, дојдовме до споредбени податоци за морталитетот на невакцинираните и вакцинираните. За жал, МЗ повеќе не дава споредбени податоци за инциденцата на заразувањето кај невакцинираните и вакцинираните, но уште пред еден месец утврдивме дека помеѓу овие две инциденци повеќе нема разлика, односно во време на Омикрон сојот ефективноста на вакцините против заразување е практично нула. Сепак, како што ќе видиме подолу, ефективноста против смртен исход, иако поднамалена, сé уште добро се држи на околу 85%.
Последниве две недели започна да расте (иако не значително) учеството на вакцинираните кај починатите постари од 60 години (виолетовата линија на првиот дијаграм). При константен удел на вакцинирани од околу 76% кај постарите од 60 години (веќе извесно време практично сопреа новите вакцинирања), тоа значи дека морталитетот кај вакцинираните малку се поткрева во однос на морталитетот кај невакцинираните, односно ефективноста против смртен исход малку се поднамалува. Да ги видиме бројките.
Во неделата од 28.1.2022 до 3.2.2022 година починале 73 целосно вакцинирани (37,4% од сите починати) и 122 невакцинирани (62,6%). Приближно ќе сметаме дека сите умрени биле постари од 60 години. Во оваа популација на постари од 60 години, групата на вакцинирани броела околу 250,2 илјади, а групата на невакцинирани околу 62,2 илјади лица.
Неделниот морталитет кај вакцинираните изнесувал 73/0,2502=291.8 починати на милион, а кај невакцинираните 122/0,0622=1961,4 починати на милион лица. Соодносот на ризиците изнесува RR=291,8/1961,4=0,149, односно ризикот кај вакцинираните за смртен исход бил просечно 1/0,149=6,7 пати помал отколку кај невакцинираните. Со тоа ефективноста на вакцините неделава изнесувала VE=1-0,149=0,851, односно околу 85%.
Иако се забележува мало намалување на ефективноста од 90% на 85% последниве две недели, виолетовата линија на вториот дијаграм ни покажува дека толкава била ефективноста пред околу два месеци, пред аплицирањето на третите дози. Третите дози од вакцините малку ја поткренале ефективноста, а сега Омикрон сојот малку ја поднамалил, но во основа не заблежуваме големи разлики во ефективноста, односно вакцините сé уште добро штитат против смртен исход, речиси цела година од почетокот на масовната вакцинација.
Математички гледано, сé уште нема потреба од масовна вакцинација со трета, четврта и т.н. доза (освен евентуално за имунокомпромитираните). Во меѓувреме голем процент од населението прележало ковид, па заедно со вакциналниот, стекнало и подолгорочен хибриден имунитет („суперимунитет“).
Секако, подобро би било да не дојдевме до таквиот суперимунитет преку заразување на неподготвени (невакцинирани) лица и умирање на огромен број луѓе поради дозволувањето непречено ширење на заразата, но што е - тука е, времето и луѓето не можеме да ги вратиме назад. Успешните земји се разликуваат од неуспешните според многу показатели, а стратегијата за борба против ковид е еден од нив.