Ја пресметавме брзината и времето што му се потребни на Дедо Мраз за да им ги испорача подароците на децата ширум светот. Санката на Дедо Мраз би требала да патува со некоја многу голема брзина, но колку точно прочитајте во текстот што следи!
Според пресметките на Лари Силверберг, професор по механичко и воздушно инженерство на Државниот универзитет на Северна Каролина, Дедо Мраз на секој Бадник треба да им достави подароци на околу 200 милиони деца сместени на површина од 517 997 622 квадратни километри ширум светот. Бидејќи во секоја куќа живеат во просек по 2,67 деца, стариот добротвор треба да посети околу 75 милиони домови кои се наоѓаат на просечна оддалеченост од 2,62 километри еден од друг и притоа ќе треба да измине пат од приближно 196 340 километри.
За да го измине овој пат за само 24 часа, Дедо Мраз би требало да лета, комплет сосе ирваси и санки, со брзина од 8 180 295,55 километри на час, што е околу 130 пати поспоро од брзината на светлината којашто, за потсетување, се движи со брзина од приближно 300 милиони метри во секунда. За Дедо Мраз да може да го изведе овој потфат, Силверберг предлага дека тој можеби користи нешто што научникот го нарекува “релативистички облаци“ – тие би му овозможиле да го “растегне” времето како ластик, гарантирајќи му период од неколку месеци во којшто тој би стасал да ги испорача сите пакети, додека истовремено за нас, обичните смртници, би изминале само неколку минути. Звучи малку нереално, нели? Но, за некој што може да лета со ирваси и да ја “паркира” санката по покриви, ова сепак би било “детска игра”.
Но, Дедо Мраз може да одлучи да користи неколку санки истовремено, со што би заштедил време. Па така, ако користи 750 санки, во Popular Science пресметале дека секоја санка би требала да патува со брзина од околу 130 километри на час, што е далеку пореално сценарио. Она што не откриваат е кој би ги “возел” истовремно сиве овие санки – дали Дедо Мраз би се мултиплицирал или би им делегирал дел од работата на неговите помошници.
Моја омилена теорија е дека можеби користи црвоточини Што мислите вие?
П.С. Да не заборавиме уште еден интересен научен податок за Дедо Мраз. Како што неодамна беше посочено, сите ирваси што ја влечат санката на Дедо Мраз се всушност женски! Да, дури и Рудолф со црвеното носе! Како го знаеме ова? Па, мошне едноставно. Општо познат факт е дека ирвасите мажјаци во доцна есен ги отфрлаат нивните раскошни рогови, па така кон средината на декември тие се “гологлави”. Од друга страна женките ирваси го задржуваат својот украс на главата.