Рубрика: Хемија
Коцки мраз што никогаш не се топат
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 24.12.2021 - 13:15

Во свет во којшто сушата е реална закана, од суштинско значење е да се заштеди и да се рециклира водата секогаш кога е тоа можно. Размислувајќи во оваа насока истражувачите од Универзитетот на Калифорнија создадоа мраз што не се топи во вода и којшто може да се употребува одново и одново, а материјалот од којшто е создаден е на крајот биоразградлив. Новите желатински коцки мраз може да помогнат во сите процеси на зачувување намирници или други материи, без притоа да го контаминираат, наводенат или разводнат производот што треба да се чува на студено.

Желатинските коцки мраз, односно JIC (англ. jelly ice cubes), се составени од вода и други компоненти кои ја стабилизираат нивната структура, а ја вршат истата функција како и нормалните коцки мраз од вода, но со една битна разлика – тие никогаш не се растопуваат. Може да се користат до 13 часа, а потоа сè што треба да направите е да ги исплакнете, да ги вратите во замрзнувач и за неколку часа коцките се подготвени за следна употреба.

Идејата за создавање коцки мраз што не се топат дошла откако од тимот ја увиделе количината мраз што се користи во индустриите за преработка на риба. Изненадени од огромниот губиток на вода и ризикот за ширење патогени по испуштање на стопениот мраз во отпадните води, истражувачите нашле решение.

JIC ги решава обата проблема – ем се избегнува отпадот од вода и можноста за развој на патогени, ем се елиминира непотребното трошење чиста вода. Истовремено, лажниот мраз е мошне робустен – коцката може да издржи тежина до 10 кг без да се скрши, и затоа може да се користи и за складирање на храната при транспорт. Во видеото објавено од универзитетот, истражувачот ја покажува разликата помеѓу парче замрзнат лосос ‘сместен’ меѓу обични парчиња мраз и лосос положен во JIC. По само еден час, првиот се наоѓа потопен во базен со вода, додека вториот е сè уште совршено замрзнат и поддржан од синтетичките коцки.

Последен важен аспект на JIC е тоа што, откако коцките ќе бидат повторно употребени десетина пати, тие можат да се отстранат и да се рециклираат како биоразградлив отпад.

Клучни зборови: