Токму ова прашање е зачетникот на проектот Валенс/Valence – “Најдобри практики за изучување на машинско учење и наука за работа со податоци во стручните образовни центри”/ "Data Science and Machine Learning Teaching Practices with Focus on Vocational Education and Training". Во меѓународниот проект, којшто се изведува под капата на Еразмуз, вклучени се две високообразовни институции – Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје (Македонија) и Институтот Јожеф Стефан од Љубљана (Словенија), како и три стручни училишта – ЕТШ “Михајло Пупин” од Нови Сад (Србија), Школски центар од Крањ (Словенија) и СОСУ Илинден (Македонија).
Во саботата во просториите на средното општинско стручно училиште “Илинден” беше одржан првиот од четирите планирани настани на којшто со поширока публика беа споделени досегашните резултати од проектот.
На почетокот добредојде на сите им посака домаќинот на настанот, директорот на СОСУ Илинден Зоранче Арсовски, по што професорот Слободан Таневски накратко ги запозна присутните – професорите вклучени во проектот, професорите од други стручни електротехнички училишта во Скопје, како и претставници од индустријатата – со историјатот, капацитетите и потенцијалот на СОСУ Илинден, како и за досега постигнатите успеси на школото. По ова се премина на посериозни теми врзани со проектот.
Професорите Бранислав Геразов и Живко Коколански се осврнаа на основата на проектот и потребата од напредните техники за машинско учење наменети за стручно образование. Имено, проектот Валенс е инспириран од зголемената потреба за квалификувана работна сила којашто ќе ги владее основите на науката за работа со податоци (data science) и машинското учење, а којашто се должи на современиот технолошки напредок во повеќе сфери, од сеприсутноста на интернетот на нештата, преку сложените системи за работа со компјутерски модели и моделирања, до интензивниот развој на полето на вештачката интелигенција. Имено, во моментов во светски рамки на берзата на трудот се чувствува одреден диспаритет во поглед на понудата и потребата за ваков кадар, којшто може мошне бргу да се претвори во хроничен недостаток од кадар.
Валенс има за цел да ја испита запознаеноста на учениците во едукативните центри со поимите машинско учење и наука за работа со податоци (data science) и да развие соодветна програма за изучување на овие области со користење на отворена платформа, со што на крајот од образованието би се добил квалификуван кадар којшто ќе може уште веднаш да работи во индустријата, како основен оператор во управувањето со податочните бази. Целиот проект е замислен да се одвива во временска рамка од 2 години, по што, идеално, би следело имплементирање на заклучоците, наставни програми и наставни материјали и нивно инкорпорирање во стручните училишта од електротехничка струка.
Во моментов изведбата на проектот е некаде на половина – завршена е анкета на учениците од образовните центри за нивните познавања за засегнатите области, разгледани се моментални практики за учење наука за податоци и машинско учење, направена е проценка за најдобри практики за учење машинско учење во стручното образование, избрана е соодветна платформа којашто овозможува соодветен визуелен приказ при работата со податоците – платформата Orange. А работата и можностите на оваа платформа ја презентираше проф. Марија Марковска Димитровска.
Професорот Горјан Наџински даде осврт на практиките и застапеноста на машинското учење и изучувањетоо на науката за работа со податоци во особен осврт на стручното образование, по што следеше презентацијата од резултатите од анкетата за запознаеноста на учениците со овие предмети. Методологијата на спроведување и резултатите од анкетата ги презентираше Стефан Златинов. Анкетата во којашто се опфатени 857 ученици од трите стручни училишта во Македонија, Србија и Словенија кои учествуваат во проектот, открива дека најголем дел од учениците се недоволно запознаени со поимите машинско учење и науката за работа со податоци. Притоа истражена е и изложеноста на учениците на современите технологии и социјалните медиуми, како и познавањето програмски јазици, но и други компјутерски вештини. Интересно е што сè на сè само тројца од учениците дале одговори коишто откриваат длабоки познавања за предметите додека останатите ученици се мошне површно информирани за проблематиката, што ја открива и потенцира длабоката потреба на итност за посоодветна застапеност во образованието на машинското учење и изучувањето науката за работа со податоци.
Токму овие резултати и заклучоци поттикнаа плодна дискусија меѓу присутните професори од стручните училишта за образовните програми, инертноста на ситемот за нивна актуелизација со времето, како и слободата на професорот за осовременување на наставниот материјал и методологија во интерес на поквалитетно образование.
Од овој проект е планирано да произлезат и 4 научни труда, два се веќе изработени и се во фаза на пред-принт.
Досега сработеното укажува дека e очигледна потребата од промена во стручното образование во насока на поголема застапеност на изучувањето на машинското учење и науката за работа со податоци. Но, потребата не е само квантитативна. Потребна е и промена во методологијата, зголемување на практичниот пристап во наставата како и вклучување на индустријата преку сугестии за насоките во кои треба да се интервенира за соодветно формирање на нов квалификуван кадар за нејзините потреби.