Се чини дека омилениот лик од ТВ-екраните, доктор Хаус, е во право кога вели “Сите лажат”. Имено, повеќе американски истражувања откриваат дека многумина не ја кажуваат вистината кога разговараат со лекар. Причините се различни – страв, срам... и што уште не.
Ова беше поддржано и од студијата спроведена од тим истражувачи од Комјунити колеџот на Мидлсекс во соработка со неколку други американски универзитети, а која опфатила вкупно 4 510 луѓе. Било откриено дека 70% од пациентите го лажат лекарот.
"Сите лажат" – тврди доктор Хаус во истоимената ТВ-серија. Се чини дека истражувањата ја потврдуваат неговата теза
Испитаниците биле запрашани дали некогаш избегнале да му кажат на лекарот дека не ги разбираат неговите упатства; дека тие не се согласувале со неговите препораки; дека не вежбале; имале нездрава исхрана; земале одредени лекови; дека не ја следеле пропишаната терапија според препораките.
Голем дел од пациентите признале дека лажеле за барем една од овие информации, а особено за изразувањето несогласување со препораките на лекарот (околу 38% од испитаниците) и дека не ги разбираат неговите препораки (околу 28%). Меѓу најчестите причини за лажење биле наведени: стравот да не бидат осудувани (околу 73% од „лажговците“), одбивањето да се признае колку е штетно нивното однесување (околу 68%) и чувството на засраменост (околу 55%).
Според истражувачите, ваквото однесување можеби делумно е одговорност и на самите лекари. Според нив ако лекарите научат да комуницираат поефективно со нивните пациентии начин којшто ќе делува смирувачки, лагите од пациентите кои се контрапродуктивни за нивното здравје, многу полесно ќе може да се избегнат.