Научниците веќе подолго време работат на создавање вештачко ткиво кое би се користело во хирургијата. Сега, со комбинирање на досегашните сознанија од областите на хемијата, физиката, биологијата и инженерингот, еден научен тим од Универзитетот Мекгил успеа да развие биоматеријал којшто е доволно цврст за репарација на срцето, мускулите и гласните жици. Нивниот пронајдок претставува голем напредок во регенеративната медицина.
Закрепнувањето од какво и да е оштетува на срцето честопати е долго и неизвесно патување, а заздравувањето вистински предизвик. Истото важи и за гласните жици. Сè досега немаше синтетички материјал којшто би можел да го издржи континуираното оптоварување во овие органи. Сега, еден научен тим разви нов хидрогел за инјектирање наменет за поправка на раните.
Илустрација која ја покажува употребата на инјектираниот хидрогел како имплант за пополнување на раната во гласните жици и враќање на гласот
Хидрогелот е вид на биоматеријал којшто обезбедува простор за живеење и раст на клетките. Откако еднаш ќе се инјектира во телото, биоматеријалот формира стабилна, порозна структура којашто им овозможува на живите клетки да растат или да минуваат низ неа за да ги поправат повредените органи.
Научниците ја тестирале издржливоста на нивниот хидрогел во машина што ја развиле за да ја симулира екстремната биомеханика на човечките гласни жици. Вибрирајќи со брзина од 120 пати во секунда во текот на повеќе од 6 милиони циклуси, новиот биоматеријал останал непроменет додека другите стандардни хидрогелови се распаднале на повеќе парчиња, не можејќи да се справат со стресот и оптоварувањето.
За време на тестирањето во биореакторот за гласни жици, протокот, којшто го имитира крвотокот во човечкото тело, поминува низ хидрогелот поставен во должина од 6 сантиметри
Истражувачите тестирале три различни хидрогелa користејќи биореактор на гласните жици. Додека новиот хидрогел остана стабилен, двата стандардни хидрогела, што ги претставуваат повеќето од хидрогелови кои се во употреба денес, не го преживеаја тестот
Според научниците, нивната иновација отвора простор и за друга примена – директна достава на лекови во ткивата, ткивен инженеринг, како и создавање на модели на ткива за скрининг на лекови. Тимот дури бара начин како оваа технологија на хидрогел би можела да се искористи за создавање на бели дробови за тестирање лекови за ковид.
Истражувањето е објавено деновиве во Advanced Science.