Новиот сој на коронавирусот SARS-CoV-2, која неодамна беше идентификувана во Јужна Африка, веќе го вклучи црвеното светло поради неговата агресивност и способност за брзо ширење. Сојот ја доби назнаката Omicron (B.1.1.529) и веќе се работи на разбирање за тоа што точно носи неговата појава и како овој сој ќе влијае на понатамошниот тек на пандемијата.
Омикрон има необична констелација на мутации кои би можеле да му помогнат на вирусот да го избегне нашиот имунолошки одговор и да го направи попренослив. Секоја нов сој што е способен да ја избегне вакциналната заштита или да се шири побрзо од сега доминантниот Делта сој (B.1.617.2) може да претставува значајна закана додека светот се бори да излезе од пандемијата. Во моментов има околу 50 потврдени случаи во Јужна Африка, Хонг Конг и Боцвана, но веќе стигнуваат вести и за првите случаи откриени на тлото на Европа и Австралија.
Освен во земјата на потекло, Јужна Африка, Омикрон сојот веќе беше детектиран и во неколку земји во Европа но и во Австралија (фото: Википедија)
Каде беше пронајден новиот сој? Првите индикации за него во извештаите од лабораториски анализи укажуваат на тоа дека Омикрон брзо се проширил во јужноафриканската провинција Гаутенг и можеби веќе бил присутен во другите осум провинции во земјата. Во неодамнешниот дневен извештај на NICD, јужноафрикански аналог на Институт за јавно здравство, биле пријавени 2465 инфекции со ковид, речиси двојно од претходниот ден. Извештајот не го припишува зголемувањето на инфекциите на новиот сој, иако некои важни локални научници се сомневаат дека тоа е причината и многумина веруваат дека токму тој може да биде причинител на 90% од новите случаи во Гаутенг.
Разлика со другите соеви
Експертите го опишаа Омикрон како најлошиот сој што се појавил од почетокот на пандемијата, со дури 32 мутации во протеинскиот шилец, кој е дел од вирусот што повеќето вакцини го користат за активирање на имунолошкиот систем против ковид. Тоа е отприлика двојно повеќе од бројот на мутации претставени од во моментов доминантниот сој Делта. Мутациите во протеинскиот шилец може да влијаат на способноста на вирусот да ги инфицира клетките и да се шири, но тие исто така им ја отежнуваат работата на имуните клетки кога треба да го нападнат вирусот.
Најголемиот дел од откриените мутациите кај Омикрон сојот, вкупно 32 на број, се сместени кај протеинскиот шилец (фото: Википедија)
За потсетување, Делта сојот првпат беше откриен во Индија кон крајот на 2020 година и набргу се прошири низ целиот свет, предизвикувајќи зголемување на инфекциите и на смртните случаи. Другите досега познати соеви на коронавирус ги вклучуваат Алфа (B.1.1.7, познат како “британски” сој), Бета (B.1.351, првичниот “јужноафрикански” сој) и Гама (P.1, “бразилски”). Во однос на пролиферацијата на соеви, по намалувањето на случаите во Јапонија, некои научници укажуваат и дека вирусот можеби мутира во насока за на крајот да исчезне.