Рубрика: Колумна
Личниот наспроти научниот контекст
Автор: Илијанчо Гаговски
Објавено на 28.11.2021 - 11:15

Луѓето не заглупеа преку ноќ! Се варат на „тивок оган“ по 5-6 години под дејство на социјалните мрежи и нивните алгоритми и ОП! – почнуваат да читаат вести од само еден извор, почнуваат да „веруваат“, се „освестуваат“, ја согледуваат „очигледната вистина“... Изгубивме пријатели, роднини, блиски луѓе, затоа што се обидуваме некому кој влегол во средновековен контекст да му објасниме како работи млазен мотор...

Прочуениот австриско-британски филозоф Лудвиг Витгенштајн (Ludwig Wittgenstein) во една прилика прашал некој свој пријател што мисли, зошто се смета дека во минатото било природно луѓето да претпостават дека Сонцето се врти околу Земјата, а не Земјата околу Сонцето? „Очигледно, затоа што изгледа како Сонцето да се врти околу Земјата!“ одговорил пријателот. „Хм, се прашувам како ли би изгледало [движењето на Сонцето на небото], кога Земјата би се вртела околу Сонцето?“ – додал онака патем, Витгенштајн.

Се разбира, дека би изгледало потполно исто!

Илустрација од 1568 година на геоцентричниот Птоломејскиот систем (од Клавдиј Птоломеј), насловена како Четирите небесни тела, изработена од португалскиот космограф и картограф Бартоломеу Велбо 

Има луѓе кои сметаат дека муабетов на Витгенштајн не бил баш најкоректен, бидејќи звучи како да им се потсмева на генерациите на луѓе од минатото, кои не можеле да сфатат една таква очигледна работа како тоа дека Земјата кружи околу Сонцето, а не обратно!!

Мене сепак ми се чини дека Витгенштајн не бил со ниет да им фаќа сеир на минатите генерации – повеќе ми изгледа дека со својата попатна забелешка, всушност, ни укажува на важноста на Контекстот и важноста на преиспитувањето на „очигледните вистини“.

Но, да се вратиме чекор назад....

Карта на светот според Клавдиј Птоломеј. Илустрацијата е изработена во 15-тиот век. Интересно е што на мапата се забележува дека Индискиот Океан е затворен и нема морски пат околу Кејп Хорн (крајната точка на Јужна Америка). Исто така Стариот свет е претставен во непропорционална големина 

Геоцентричниот модел на Вселената, во кој Земјата е во центарот на Вселената, а Сонцето и другите планети се вртат околу неа, се базираше на делото „Алмагест“ од вториот век на нашата ера, на Клаудиј Птолемеј од Александрија, кој пак своето дело го базираше на погледите на оваа проблематика на Платон, Аристотел и уште многу други грчки, египетски и вавилонски астрономи од претходните векови. Иако погрешен, овој систем е многу елегантен и е детално и интересно разработен (види слика). Било потребно да поминат близу 1300 години, за во 1543 година да се појави книгата на Коперник „За ротацијата на небесните сфери“, во која го разработува хелиоцентричниот модел, во кој Земјата е само една од планетите кои се вртат околу Сонцето (за волја на вистината, варијанта на оваа идеја прв предложил Аристарх од Самос во 3-от век пред нашата ера, но немало кој да го чуе). Коперник својата идеја ја поткрепил со табели од астрономски посматрања и ја претворил идејата во корисен модел за предвидување на движењето на планетите. Но требало да поминат уште 66 години за во 1609 година Галилео да ги потврди тврдењата на Коперник преку своите набљудувања со телескопот (за што завршил пред судот на Инквизицијата и се спасил „за влакно“). Исто така, требало да поминат 76 години од објавувањето на „За ротацијата..“, за во 1619 година Јоханес Кеплер да го уточни моделот на Коперник со воведување на елиптични орбити на планетите и со дефинирање на неговите три закони за движењето на планетите (Кеплер поминал без проблеми со Папата и Инквизицијата, бидејќи бил протестант и не живеел под нивна јурисдикција). Шеесет и осум години подоцна, во 1687 година, Исак Њутн во своето епохално дело Philosophiæ Naturalis Principia Mathematica, конечно ни објасни ЗОШТО Кеплеровите закони се такви какви што се (и многу други работи, се разбира). На католичката црква пак, и беше потребно малку повеќе време, за дури во 1758 година да ги тргне книгите кои „заговараат“ хелиоцентризам од „Индексот на забранети книги“, а дури во 1822 година да дозволи и нивно слободно печатење (за нивна употреба де, на остатокот од светот не му требало толку време).

Хелиоцентричен универзум (Никола Коперник, 1543) Новиот револуционерен поглед на светот на Коперник бил кристализиран во оваа едноставен дијаграм. Неговиот хелиоцентричен модел – во којашто Сонцето, а не Земјата е центар на универзумот, бил во конфликт со верувањата од 14-тиот век  

Елем, зошто ја раскажувам приказнава (раскажана во мноогу скратена верзија – вреди човек да се задлабочи и во деталите на оваа „Historia de una Idea“)? За целото време додека геоцентризмот бил водечка теорија за објаснување на светот, еден куп инаку брилијантни умови, ја прифаќале како точна и како дел од нивниот светоглед. Зошто?!? Па затоа што се наоѓале во таков КОНТЕКСТ, во кој таа теорија била прифатлива! Не затоа што биле глупави или ограничени – во тој КОНТЕКСТ на знаење со кое располагало човештвото во тој МОМЕНТ, таа теорија се чинела сосем соодветна. Сѐ додека не се насобрало знаење, ронка по ронка, низ вековите и низ делата на огромен број научници и мислители, за таа теорија да биде подложена на преиспитување и конечно, да биде напуштена. Зошто?!? Затоа што новата теорија го објаснувала светот ПОТОЧНО!!!

Фејсбук алгоритамот ви пласира вести кои одговараат на она што најмногу ви се допаднало и сте го коментирале. Ако се знае ова воопшто не е за изненадување да ви се чини дека вашето мислење е она коешто е ‘водечко’ и точно.

Сега, конечно, да дојдам до поентата. До пред 10-на години, користејќи ги најсовремените технологии што ги имало на располагање (писменост, глинени плочки, папирус, хартија, пергамент, перо и мастило, печатарска машина, телеграф, телефон, радио, телевизија, интернет – по хронолошки редослед), човештвото некако интуитивно (барем така понекогаш се чини) тежнееше кон тоа да создаде заеднички(?), глобално споделен Контекст – научен, култоролошки, уметнички, вредносен (колку во тоа успеа е друго прашање и е тема за друг ептен долг муабет). Но, со појавата на социјалните мрежи (Facebook достигнува 1 милијарда корисници во 2012 година), се чини дека почна еден друг процес, низ кој КОНТЕКСТОТ во кој секој од нас функционира, станува УНИКАТЕН и СКРОЕН ЗА СЕКОГО ОД НАС ПОЕДИНЕЧНО! Алгоритмите на социјалните мрежи ги забележуваат вашите преференции (уметнички, политички, (не)научни, религиски итн), за кои можеби ни самите не сте свесни – и ги засилуваат со пласирање на вашиот feed на содржини кои (речиси исклучиво) истите тие преференци и/или убедувања ги потврдуваат и/или засилуваат (echo chambers). Ова е „првичната причина“ (primum movens) за она што јас го нарекувам „големата поделба“ за која сметам дека е најголемата опасност за долгорочниот опстанок на човештвото! (ако ве интересираат повеќе детали на оваа тема пак, може да погледнете и еден друг мој текст, "Интернет-јасновидци" .

Муабетот ми е – луѓето не заглупеа преку ноќ! Се варат на „тивок оган“ по 5-6 години и ОП! – почнуваат да читаат вести од само еден извор, почнуваат да „веруваат“, се „освестуваат“, ја согледуваат „очигледната вистина“... Ова го зборувам за да се обидеме да сфатиме што се случува со „другите“ (кои и да се тие, во зависност од тоа од која страна на „спектрумот“ на ставови се наоѓа нашето гледиште). Изгубивме пријатели, роднини, блиски луѓе, затоа што се обидуваме некому кој влегол во средновековен контекст да му објасниме како работи млазен мотор... Нема да се разберемеsad

Сликовен приказ на замката на ехо-собата.

За еден голем дел од луѓето најверојатно и нема надеж – безнадежно заглибени во лавиринтот создаден од новиот бог Алгоритам(*), ќе продолжат за трчкаат наоколу, барајќи го излезот – а излез нема, ниту го имало, важно е само да трчкаш и кликаш....Надеж можеби има за некои следни генерации, но само доколку од мали ги научиме децата да ја разликуваат Реалноста од „Реалноста“...Тоа ќе биде мноооогу тешко и ќе трае мноооогу долго – можеби и подолго од времето потребно хелиоцентричниот модел на Коперник од идеја да стане општоприфатено објаснување за светот околу нас...

Некои идни генерации сосема извесно ќе ни се чудат – како бре не сме можеле да согледаме некои „очигледни вистини“ и како не сме можеле да отфрлиме некои „очигледни будалаштини“ ?!?

„Таков им бил Контекстот!“, ќе рече некој иден љубител на Витгенштајн, заглавен во својот сопствен Контекст....

 

(*) Алгоритмите прилично добро се вклопуваат во дефиниција за Бог – нивните Верници не знаат како изгледа Алгорит(А)мот; „чудни се патиштата на – Алгоритмот“; високите свештеници на Алгоритмот се викаат Администратори и се единствените кои можат да ни ја протолкуваат Неговата Волја...итн...

Клучни зборови:
Илустрација од 1568 година на геоцентричниот Птоломејскиот систем, насловена како Четирите небесни тела

Илустрација од 1568 година на геоцентричниот Птоломејскиот систем (од Клавдиј Птоломеј), насловена како Четирите небесни тела, изработена од португалскиот космограф и картограф Бартоломеу Велбо 

Карта на светот според Клавдиј Птоломеј. Илустрацијата е изработена во 15-тиот век.

Карта на светот според Клавдиј Птоломеј. Илустрацијата е изработена во 15-тиот век. Интересно е што на мапата се забележува дека Индискиот Океан е затворен и нема морски пат околу Кејп Хорн (крајната точка на Јужна Америка). Исто така Стариот свет е претставен во непропорционална големина

Хелиоцентричен универзум (Никола Коперник, 1543)

Хелиоцентричен универзум (Никола Коперник, 1543) Новиот револуционерен поглед на светот на Коперник бил кристализиран во оваа едноставен дијаграм. Неговиот хелиоцентричен модел – во којашто Сонцето, а не Земјата е центар на универзумот, бил во конфликт со верувањата од 14-тиот век

Фејсбук алгоритамот ви пласира вести кои одговараат на она што најмногу ви се допаднало и сте го коментирале.

Фејсбук алгоритамот ви пласира вести кои одговараат на она што најмногу ви се допаднало и сте го коментирале. Ако се знае ова воопшто не е за изненадување да ви се чини дека вашето мислење е она коешто е ‘водечко’ и точно.

Сликовен приказ на замката на ехо-собата.

Сликовен приказ на замката на ехо-собата.