Ноември се чини дека е месец за исклучително интересни аукции. По продажбата на целосно функционален компјутер од првата воопшто серија изработена од Џобс и Возњак, денес пристигна вест за уште еден интересен предмет што утре ќе биде предмет на наддавање. Имено, еден редок манускрипт од теоретскиот физичар Алберт Ајнштајн ќе се најде на аукција во Париз. Се очекува цената на ракописот да достигне стратосферски висини...
Ракописот всушност ја содржи подготвителната работа за клучното достигнување на Ајнштајн – Теоријата на релативноста. Според аукциската куќа Кристи, која е домаќин на продажбата во име на куќата Агут, се проценува дека ракописот ќе постигне цена некаде помеѓу два и три милиони евра. Како што соопштуваат тие се работи за “без сомнение највредниот ракопис на Ајнштајн кој некогаш бил даден на аукција“.
Документот од 54 страници е рачно напишан во 1913 и 1914 година во Цирих, Швајцарија, од Ајнштајн и неговиот колега и човек од доверба, швајцарскиот инженер Микеле Бесо.
Од Кристи велат дека ракописот бил зачуван до денешни дни токму благодарение на Бесо, бидејќи самиот гениј со германско потекло веројатно немал да сочува нешто што го сметал за едноставен работен документ.
Денес, трудот нуди “фасцинантен увид во умот на најголемиот научник од 20 век“, се вели во соопштението од Кристи.
Ајнштајн, кој почина во 1955 година на 76 години и се смета за еден од најголемите физичари досега, направи револуција во своето поле со воведувањето на Теоријата на релативноста и има голем придонес во теоријата на квантната механика.
Добитник е на Нобеловата награда за физика во 1921 година, а подоцна е прифатен од поп-културата како икона на генијален научник, за што покрај неговата непосредност во многу помогна и самата појава – неговата секогаш бушава коса, мустаќи и густи веѓи.