Предвременото раѓање е најчеста причина за смрт кај новороденчињата и предизвикува еден милион смртни случаи годишно. Светскиот ден на предвремено родените деца, 17 ноември, е посветен на сите новороденчиња кои се борат за живот.
Светскиот Ден на предвремено родените деца се одбележува во повеќе од 60 земји, уште од 2011 година. Целта е да се подигне јавната свест за овој алармантен проблем што честопати се потценува, давајќи им глас на семејствата на младите пациенти кои се борат со животот.
За жал, и покрај медицинскиот напредок, благодарение на кој предвремено родените бебиња сè повеќе добиваат можност да преживеат, предвременото раѓање сè уште е убиец број еден на новороденчиња. Во светски рамки, бројот на деца родени пред 37-та гестациска недела изнесува речиси едно од десет, односно околу 15 милиони годишно. Преку еден милион од овие деца умираат, честопати уште во првите часови од животот, од компликации поврзани со недоносеност, од респираторни проблеми, недооформеност на органи, итн...
Предвременото раѓање ги погодува и богатите и сиромашните семејства, иако во многу различни проценти и од многу различни причини. Па така, највисоката стапка на смртност при предвремено породување, со околу 16 смртни случаи на 1000 раѓања, е забележана во западноафриканските земји Либерија и Сиера Леоне.
Зошто во одреден период од бременоста кај некои жени се случува предвремено породување? Научниците сè уште немаат прецизен одговор. Факторите на ризик се познати, иако во земјите во развој и во развиените земји тие се сосема различни. Во сиромашните земји предвеременото пораѓање се случува, воглавно, поради инфекции на мајката за време на бременоста и поради суровите животни услови кои придонесуваат за ризикот. Во богатите земји, пак, голем удел има сè понапредната возраст на мајката, употребата на техники за асистирана репродукција, како и здравствените фактори, како хипертензија и дебелина.
Третина од бебињата, особено во индустријализираните земји, се раѓаат предвреме по “избор“. Имено, поради компликации за време на бременоста, каква што е, на пример, прееклампсијата, лекарите прибегнуваат кон ран царски рез.
Таканаречената "кенгур" метода со којашто се подобруваат шансите за преживување на предвремено родените деца
Своја улога можеби имаат и генетските фактори. Секако, инфекциите, дури и нај "баналните", се чини дека играат улога во предизвикувањето на предвремено породување. Дури и психолошкиот стрес на мајката, веројатно во синергија со други фактори, како на пример некое воспаление, може да придонесат за провокации кога сè уште не е време, но засега не се знае кои сè биолошки процеси се вклучени и кои точно механизми на целосното пораѓање се разликуваат од предвременото породување. Во различни истражувачки центри значителни ресурси и големо внимание се посветуваат на разбирање на проблемот и преземање на превентивни мерки. На пример, во тек се истражувања идентификација на биолошките маркери со кои, преку тест на крв или урина, ќе можат посигурно да се идентификуваат жените кои се најзагрозени.
Пред 30 години, повеќето бебиња родени во 28-та гестациска недела, дванаесет недели пред време, не преживувале повеќе од првата година. Денес, 90 проценти од нив успеваат да прежувеат, иако овој процент се однесува на развиените земји. Ситуацијата е поинаква во сиромашните земји, но сепак има “технологии“ кои се чини дека функционираат насекаде. На пример, таканаречената кенгур метода, којашто се состои во одржување на бебето во близок контакт со кожата со мајката, се чини дека придонесува за преживување на предвремено родени бебиња, како и доењето или достапноста на едноставни уреди за механичка вентилација.