Фотографот Флоријан Кунт заедно со еден негов пријател патувал пеш низ “дивината” на северна Норвешка со цел да ја фотографира поларната светлина. Последната ноќ од неговиот излет, во моментите пред да ја спакува камерата, Кунт забележал силна светлина на небото, за којашто подоцна ќе сфати дека е ракета на НАСА којашто истата вечер била лансирана од Калифорнија.
Кунт инаку е студент по воздухопловно инженерство во Хамбург, Германија, а се занимава и со фотографирање на пејзажи и активности на отворено. Оваа извонредна фотографија е снимена од падините на планината Ритен на Лофотските Осрови. Како што открива Кунт, тој и пријателот планирале од самиот врвот на планината да направат фотографии на поларната светлина со плажата Квалика во подножјето, но силниот ветер ја осуетил нивниот план, па така тие кампот со шаторите го поставиле нешто подолу од врвот. А по поставувањето на шаторите ја поставиле опремата надвор и ја чекале појавата на поларната светлина.
Инаку појавата на аурора, во овој случај бореалис, е донекаде предвидлива, но интензитетот на поларната светлина знае да влијае од годишното време, па дури и тогаш манифестацијата на спектаклот варира од ноќ до ноќ.
Ноќта кога настанала фотографијата во прилог било мошне студено, и Кунт штотуку се подготвувал да се откаже од фотографирањето кога забележал дека нешто необично се случува на небото – два светли објекти налик на облак во движење од југ кон север.
Целиот настан траел околу пет минути и Кунт успеал да направи неколку снимки. Поради големата брзина со која се движел објектот, тој морал да ја зголемам чувствителноста на ISO до 12 800 со што овозможил поголема брзина на затворање на блендата и пристојна експозиција без заматување. Фотографиите ги направил со објектив Canon 5D Mark III и Canon 24-70mm f/2.8 II.
На почетокот Флоријан не бил сигурен што гледа, но потоа се сетил дека видел слични фотографии од лансирањето на SpaceX над Лос Анџелес. Направил пребарување со Гугл за најновите лансирања на ракети и открил дека истата вечер, од вселенската база Ванденберг во Калифорнија, била лансирана ракетата Atlas V со сателитот Ландсат 9. По малку истражување, фотографот бил сигурен дека тој и неговиот пријател биле сведоци на деорбитното согорување кое потекнува од одвојувањето на горниот дел од леталото Кентаур и последователен излив на гориво. Поради висината на настанот, обата облака биле осветлени од Сонцето, па со самото тоа станале видливи.
Инаку самото летало е премало за да се забележи со голо око со оглед на неговата орбита поставена некаде помеѓу 550 до 680 километри височина.
Леталото лансирано со оваа мисија, Лендсат 9 на НАСА, инаку неодамна ги направи своите први снимки на Земјата како дел од неговата мисија за документирање на промените во топографијата на планетата.
Дека фотографијата во прилог го прикажува токму моментот на одвојување на последната фаза може да се потврди и од анимацијата во прилог, на којашто е дадена траекторијата на леталото по лансирањето. Точно во 28 секунда од видеото се гледа дека леталото поминува над Лофотските Острови.