Изгледа дека ефективноста против заразување повеќе не се намалува (портокаловата линија на првиот дијаграм), односно дека нема многу да слегува под 20%, барем додека трае есенскиот бран.
Ефективноста против смртен исход исто така не покажува знаци на драстично влошување со текот на времето, иако неделава видовме нејзино намалување на околу 78% (виолетовата линија на првиот дијаграм).
Учеството на вакцинираните меѓу починатите (виолетовата линија на вториот дијаграм) многу порасна неделава, но сé уште ова е статистички возможно (остапување под 2 стандардни девијации) и прифатливо, со оглед на високиот опфат со вакцинација кај постарите.
Просечниот временски интервал од втората доза кај досега вакцинираните веќе изнесува 103 дена, што значи дека повеќе од половината од вакцинираните со кинеските вакцини се изложени на ризик и за нив веќе дошло време за примање на бустер доза (3 месеци по втората доза).
Неделава се заразиле 1570 од 769 илјади вакцинирани (инциденца 291 заразен на милион вакцинирани дневно) и 1911 од 731 илјада невакцинирани (инциденца 374 заразени на милион невакцинирани дневно). Соодносот на ризиците изнесува 0,778, односно ефективноста (намалувањето на ризикот) против заразување изнесува 22,2%.
Неделава починале 42 од 242 илјади вакцинирани постари од 60 години (морталитет 25 починати на милион вакцинирани постари од 60 години дневно) и 58 од 73 илјади невакцинирани постари од 60 години (морталитет 114 починати на милион невакцинирани постари од 60 години дневно). Соодносот на ризиците изнесува 0,219, односно ефективноста (намалувањето на ризикот) против смртен исход изнесува 78,1%.
Од доаѓањето на Делта сојот во земјава починале 1802 лица. Доколку немало вакцини, би починале околу 4176, а доколку сите биле вакцинирани би починале околу 495 лица.
Во сите пресметки е сметано со вкупно население од 1,8 милиони, што не мора да значи дека е точна вредност. При помал број на жители, би се добиле повисоки ефективности.
Исто така, вршени се апроксимации за опфатот со вакцинација кај постарите од 60 години, бидејќи ИЈЗ веќе неколку недели не го објавува овој податок. Меѓутоа, бидејќи бројот на вакцинирани бавно се зголемува (уште побавно кај постарите), пресметката би требало да има задоволителна точност. Искористена е дополнитена претпоставка дека сите починати биле постари од 60 години, иако во реалноста од таа група доаѓаат околу 90% од починатите.
Со ова се докажува дека вакцините се сé уште ефикасно сретство за спречување на смртен исход (главната причина за вакцинација), но со текот на времето речиси ја изгубиле ефикасноста за спречување на заразувањето (со споменатата ефективност од 22%).
Заразата може ефикасно да се спречи единствено со превентивни и рестриктивни мерки, како и интензивно тестирање на населението и изолирање на заразените.