Во невидениот пад на социјалните платформи обединети под капата на Фејсбук, првичната провена на Форчн (Fortune) беше дека компанијата губела по околу 164 000 долари приход секоја минута. Ова беше проследено и со мошне лош ден на берзата, па сè на сè, по вчерашниот хаос, Закерберг заврши со минус дебел цели 6 милијарди американски долари.
На берзата Фејсбук имаше тежок почеток на неделата. Акциите на технолошкиот гигант вчера паднаа за 5%, што е најголема дневна загуба во текот на последната година. Падот на акциите дојде по најлошиот и најдолгиот пад на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм од 2019 година кога Фејсбук беше недостапен цели 14 часа, односно 2008 година кога оваа платформа не функционираше цел еден ден.
Застојот на Фејсбук и неговите апликации Инстаграм и ВатсАп ја чинеа компанијата 164 000 долари секоја минута во којашто платформите беа недостапни, по основ на нереализирани реклами, додека падот на акциите ја падна пазарната вредност за повеќе од 40 милијарди долари.
Основачот и извршен директор Марк Закерберг, кој поседува 14% од акциите во компанијата, загуби околу 6 милијарди долари во само еден ден.
Акциите на Фејсбук паднаа за околу 15,5 % во однос на највисоките вредности, но вистинските ефекти од она што се случи вчера, кога Фејсбук беше недостапен цели 6 часа – нешто што не се случило, ќе се видат дури во наредниот период.
По целосниот колапс на Фејсбук и на неговите услуги, кои не функционираа во целиот свет во времетраење од шест часа, од компанијата пристигна официјална изјава за тоа што го предизвикало падот на системот.
Имено, рано утрово, менаџментот на таа социјална мрежа објави дека за вчерашнот пад на платформите Фејсбук, ВатсАп и Инстаграм е виновна „големата пауза при промените на конфигурацијата на рутерите коишто го координираат сообраќајот на мрежата помеѓу нејзините податочни центри”.
Целиот овој настан се случува во мошне "незгодно" време. Имено, како што пренесува Форбс овој вторник пред Американскиот конгрес е закажано сослушувањето на поранешниот производен менаџер во Фејсбук, Френсис Хауген, во врска со нејзината одлука да ги обелодени некои од деловните политики (и тајни) на компанијата за Вол Стрит Џурнал. Во нејзиното интервју за 60 Minutes во неделата, таа остро ги критикувала Фејсбук за неговата политика на "профит пред луѓето" и во врска со непочитувањето на заштитните мерки од дезинформации по претседателските избори во 2020 година.
Ажурирање: Fortune ги поправи бројките од првичните проценки. Па така сега проценува дека вкупната загуба од хаваријата која траеше околу 7 и пол часа го чинела Фејсбук околу 99,75 милиони американски долари. До оваа бројка дошле врз основа на заработката што Фејсбук ја пријавил во вториот квартал, кога забележал приход од 29,08 милијарди американски долари во период од 91 ден. Ова значи дека во просек заработувал 319,6 милиони долари дневно односно по 13,3 милиони долари на час. Треба да се има предвид дека оваа бројка го илустрира "просекот" и не дава најпрецизна слика за "шпицот" во онлајн сообраќајот, и за секој од деновите во неделата.
За многу компании, пад на приходот од 100 милиони американски долари во кој и да е временски период би претставувал финансиски настан од огромна важност. Но, за Фејсбук, ова е е (барем засега) само мала капка во морето, па инвеститорите најверојатно нема "ни да трепнат" за да ја отпишат загубата.