Фотографијата, направена на 30 септември од сателитите Коперник Сентинел-2 (Copernicus Sentinel-2) на ЕСА, го покажува протокот на лава од вулканот што минатиот месец еруптираше на шпанскиот остров Ла Палма. Каскадата од лава може да се види како се влева во Атлантскиот Океан, со што се проширува и големината на крајбрежјето. Оваа “устие” на реката од лава било со површина од околу 20 хектари во моментот кога е направена оваа фотографија.
На 19 септември во кратерот на вулканот Кумбре Вјеха се отвори пукнатина од која започна исфрлањето на пепел и лава во воздухот. Лавата потоа течеше низ падините на планината, и низ селата, голтајќи сè што се испречи на нејзиниот пат. До 28 септември, протокот од лава по изминат пат од 6 километри пристигна до океанот на западниот брег од островот. На местото каде вжештената лава се истури во океанските води, во областа Плаја Нуева, се формираа облаци од бела водена пареа.
Оваа фотографија на Сентинел-2 е обработена во вистинска боја, со употреба на краткобранов инфрацрвен канал за да се истакне протокот на лава. Мисијата Сентинел-2 ја сочинуваат два идентични сателити, секој од нив опремен со иновативна мултиспектрална камера со висока резолуција со широк опсег, која работи во 13 спектрални опсези со цел да се следат површинските промени во обемот на тлото и на вегетацијата на Земјата.