Рубрика: Електроника
Ин мемориам Сер Клајв Синклер
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 17.09.2021 - 21:15

По подолго боледување на 81-годишна возраст почина еден од визионерските пронаоѓачи и претприемачи, Сер Клајв Синклер. Клајв Синклер има навистина многу достигнувања, иако на само  17 години ќе го напушти училиштето, за потоа да работи четири години како новинар, со цел да собере средства за основање на Синклер Радионика во 1961 година, компанија посветена на производство на Hi-Fi опрема. Денес неговото име е неразделно поврзано со историјата на компјутерите и 8-битната ера.

Уште во 1980-тите, Синклер беше меѓу оние кои насетија дека компјутерите мора најдат место во секој дом по разумно ниска цена. Тој има огромен придонес во поставувањето на темелите за куќното “компјутерџиство”, како и за демократизацијата на пристапот до компјутерските алатки, на кои во тоа време се гледаше како на футуристички и скап објект.

Со претставување на ZX80 во 1979 година тој ги постави темелите на проектот кој имаше за цел да го создаде најевтиниот можен десктоп компјутер. Склопената верзија на овој компјутер се продаваше по цена од само 99 британски фунти, додека кит-комплетот за составување беше поевтин за 20 фунти. Во осмислувањето на дизајнот беа очигледни многуте компромиси – тастатурата, на пример, беше од фолија, чипот за екранот и чипот за пресметки беше еден – истиот. Но, бројките од продажбата ќе посведочат за успехот на интуицијата: за помалку од една година продедени се 70 000 примероци, а до крајот на август 1981 година, кога компјутерот престана да се произведува, беа продадени преку 100 000. Но ова не беше крај, успешната приказна продолжи и со неговиот наследник ZX 81.

Легендарниот домашен компјутер ZX80 и уште полегендарниот ZX Spectrum

Но, за многумина ‘компјутерџии’, името на Синклер е неодминливо поврзано со еден друг легендарен домашен компјутер – ZX Spectrum, кој имаше голема популарност кај нас. Во тоа време, расправите помеѓу корисниците на ZX Spectrum и Commodore 64, уште еден легендарен домашен компјутер, добиваа епски пропорции. Но, децении подоцна, оваа напнатост се распадна и остана само споменот на една пионерска ера во корисничката технологија, која му должи многу на Сер Клајв Синклер.

Синклер го презентира неговиот џебен телевизор во 1980

Иако ZX Spectrum е најпознатата креација на Сер Синклер – во 1983 година тој беше почестен со титулата витез за неговите успеси на пазарот на информатичка технологија – сепак ред е да се потсетиме и на неговите други важни производи и достигнувања. Пред компјутерите, во раните 1970-ти години Синклер се посвети на создавањето серија џебни калкулатори, но ја истражуваше и, многу пред своето време, можноста за комерцијализација на возила со електричен погон.

Џебниот калкулатор Sinclair Executive лансиран во 1972 година се продаваше по цена од 78,95 фунти. Црниот часовник на Sinclair Radionics излезе во 1975 година и чинеше 24,95 британски фунти, а беше достапен и во кит комплет за17,95 фунти.

Проектот резултираше со Sinclair C5, електрично возило со класичен оловен акумулатор, кое се продаваше во Велика Британија кон средината на 1980-тите. Sinclair C5 беше своевиден трицикл со педали, напојуван од електричен мотор од 250W. Проектот беше премногу пред времето, дури и од аспект на дизајнот, па од произведените 12000 примероци беа продадени само 8000. Речиси цели 40 години подоцна, денес сметаме дека електричната мобилност е иднината на транспортот!

Клајв Синклер во електричното возило Sinclair C5

Интересно е што и покрај неговата улога во развојот на компјутерската техника, Синклер не користел Интернет, велејќи дека не сака да има „технички или механички работи” во негова непосредна околина, бидејќи тоа го одвлекувало вниманието од процесот на пронаоѓање. Во 2010 година, тој изјавил дека самиот не користи компјутери, и повеќе претпочита да користи телефон отколку е-пошта.

Во 2014 година, тој ќе предвиди: "Штом ќе започнат да се произведуваат машини што кои имаат приближно иста или поголема интелигенција од човековата, ќе ни стане многу тешко да преживееме. Тоа е неизбежно.".

Синклер почина на 16 септември 2021 година во Лондон по болест поврзана со ракот од којшто  тој боледуваше повеќе од една деценија.

Клучни зборови:
Клајв Синклер со моделот ZX Spectrum

Клајв Синклер со моделот ZX Spectrum

Џебниот калкулатор Sinclair Executive беше лансиран во 1972 година. Се продаваше по цена од 78,95 фунти

Џебниот калкулатор Sinclair Executive беше лансиран во 1972 година. Се продаваше по цена од 78,95 фунти

Црниот LED часовник на Sinclair Radionics кој започна со продажба во 1975 година по цена д 24,95 британски фунти, а беше достапен и во кит комплет по цена од 17,95 фунти.

Црниот LED часовник на Sinclair Radionics кој започна со продажба во 1975 година по цена д 24,95 британски фунти, а беше достапен и во кит комплет по цена од 17,95 фунти.

Легендарниот домашен компјутер ZX80...

Легендарниот домашен компјутер ZX80...

... и уште полегендарниот ZX Spectrum

... и уште полегендарниот ZX Spectrum

Клајв Синклер во електричното возило Sinclair C5

Клајв Синклер во електричното возило Sinclair C5

Синклер го презентира неговиот џебен телевизор во 1980

Синклер го презентира неговиот џебен телевизор во 1980