Како што минатата недела јавија неколку посериозни портали, меѓу кои британскиот Гардијан, американскиот Вајс Њуз, но и научно-популарниот Лајв Сајанс, на небото над Канада бил забележан НЛО со светлозелена боја. Како што се вели во извештаите, видувањето на НЛО било пријавено од еден комерцијален авион и еден воен авион. Мистериозниот зелен “објект” потоа исчезнал во облаците над заливот Сент Лоренс, на канадскиот атлантски брег.
Според извештајот објавен на 11 август на страната на Канадската владина база со податоци за воздухопловни инциденти, сведоците од обата лета забележале светол зелен летечки објект кој летнал во облак, за потоа да исчезне. Забележаниот објект немал никакво влијание врз нормалниот тек на летот на воздухопловите.
Еден од авионите кои го пријавиле инцидентот е канадскиот воен авион кој летал од базата во Онтарио кон Келн во Германија. Патничкиот авион кој го пријавил истото видување е на холандската национална авиокомпанија КЛМ, и сообраќал на линијата Бостон–Амстердам. Истражувачот Стефан Воткинс (Steffan Watkins), кој се бави со проучување на воздухопловни и бродски проблеми, ги разгледал податоците од двата лета и забележал дека воениот авион се искачил 300 метри повисоко во времето кога го забележал на објектот. Воткинс претпоставува дека ова е поради тоа што или се обидувал да го заобиколи или, пак, да го види од поблиску. Понатаму тој вели дека објектот може да биде метеоролошки балон, ракета, метеор, но и вистински НЛО. Инаку, метеор е сосема легитимна претпоставка за природата на овој објект, особено ако се има предвид дека бил забележан на почетокот од август кога се случува редовниот метеорски дожд Персеиди.
Каква и да е природата на овој објект, канаѓаните ладнокрвно и незаинтересирано го запишаа во нивната датабазата и најнормално си продолжија со редовниот живот, за разлика од американските владини служби кои со години отворено ги истражуваат НЛО феномените.
Маршрутата на двата авиона од кои бил забележан НЛО
Но, ова не значи дека во Канада нема НЛО ентузијасти и занесеници. Ова го потврдува и фактот што во декември 2019 година приватен колекционер му подарил на Универзитетот во Манитоба во Винипег повеќе од 30 000 документи поврзани со НЛО, а меѓу нив имало и мноштво документи за најпознатиот канадски НЛО случај – инцидентот кај Соколовото Езеро (Falcon Lake).
Инаку во јуни оваа година Пентагон објави извештај во којшто се наведуваат 143 документирани средби со НЛО од страна на американската војска, при што имало и објекти кои изведувале неочекувани маневри, се движеле со мошне голема брзина, а притоа не покажувале знаци за користење погонски мотори.