... Но, само поради тоа што некој од несреќните корисници ги “зачистува” за следните корисници
Веројатно досега сте користеле голем број јавни интерфејси со екран на допир – при подигање готовина од банкомат, за добивање реден број за услуга, при чекирање на аеродром, итн. Како што тоа сите добро го научивме во текот на изминативе година и половина, овие површини може да се покажат како одлична прилика за пренос на на некоја болест. Но, едно ново истражување излезе со изненадувачки резултат.
Имено, барем во некои случаи, екраните на допир задржуваат помалку бактерии врз нивната површина ако почесто се допираат, односно користат.
Истражувачите се послужиле со компјутерски симулации за да го испитаат ризикот од пренос на болести од интерфејсите со екран на допир. Најнапред тие ја истражиле чувствителноста на моделот со симулација каде екраните на допир биле сместени на една локација, при што се менувале факторите како што се инфективност на болеста, стапката на чистење и стапката на луѓе кои го допираат екранот. Потоа била спроведена симулација заснована врз податоците земени од екраните на допир кои биле користени за чекирање и прием на багаж на аеродромот Хитроу, Лондон, при што во главен фокус била стапката на чистење на екранот и споредбата помеѓу употребата на екрани на допир наспроти користењето на нивната алтернатива.
Симулациите биле искористени за да се предвидат промените во репродукцискиот број. Репродукцискиот број, или R, го претставува бројот на луѓе за коишто се очекува да се инфицираат од некој којшто е носител на болест. Болеста со вредност R = 2,0 значи дека едно заболено лице може да инфицира во просек уште две лица. Овој број варира кај различни болести во зависност од тоа колку секоја од нив е заразна и пренослива, но и од тоа колкава е можноста за пренесување во средината – област во која се присутни многу луѓе во близок контакт, на мал простор, дава повисоки вредности за R од онаа област каде истиот број луѓе е сместен на поголем простор, на пример.
Истражувачите најнапред откриле неколку лесно предвидливи резултати: времето на употреба на екранот на допир влијае врз вредноста на R, бидејќи патогените, на пример, ретко преживуваат долго време без домаќин. Високата стапка на чистење на екраните е исто така поврзана со ниската преносливост. Но, изненадувачки, моделот укажувал на тоа дека поголемиот број допири на екранот го имаат истиот ефект како и чистењето на екранот. Па така, во сценарио со интензивно користење на екранот на допир, ако едно заразено лице го користи екранот и врз него “положи” патогени, следните еден или двајца корисници ќе ги соберат сите овие бактерии, отстранувајќи ги од екранот и спречувајќи нивно понатамошно пренесување.
Според истражувачите вредноста R се намалува затоа што таа е пропорционална со вкупниот број на “инфицирани“ во симулацијата, но и затоа што се зголемува ризикот само за непосредните еден до двајца "баксузи" кои ќе го користат екранот по загадувањето со патогени.
Истражувачите велат дека симулацијата може да се искористи за испитување и на други уреди кои се во јавна употреба а кои честопати се допираат, каквишто се, на пример, тастатурите на кодните брави, но нивната улога во преносот на патогени веројатно ќе може потешко да се предвиди поради разновидноста на употребените материјали од кои тие се изработени, како и разликите во самата изработка, што не е случај со екраните на допир.
Следно истражувачите планираат да го усовршат својот модел за да го искористат за предвидување на посложени интеракции со екраните на допир, при што би можела да се процени вкрстената контаминација, односно патогените кои собрани со прстите/рацете при допирот од една површина се пренесуваат и таложат на следната допрена површина.
Наодите беа објавени кон крајот на минатиот месец во Royal Society Open Science.