Првиот двомоторен хеликоптер А109, целосно дизајниран во Италија, својот прв лет го имаше на 4 август 1971 година. Првиот пробен лет на А109 го означува истовремено и раѓањето на една легенда, воздухоплов којшто помогна компанијата Агуста да прерасне во светски лидер во областа на авиоиндустријата во сегментот на хеликоптери.
Моделот А109 започна со барање од конструкторот во тогашната Агуста СПА, Бруно Ловера, до сопственикот Доменико Агуста, да го одобри производството на три прототипа, комплет сосе резервни делови, за нов револуционерен хеликоптер. Барањето на Ловера, прифатено од врвниот менаџмент на Агуста, означи нов почеток за компанијата основана во 1923 година, која со овој проект ќе прерасне од лиценциран производител на модели од американски компании во производител на оригинални модели и решенија за светскиот пазар. Агуста А109 ќе биде првиот целосно италијански хеликоптер – дизајн и конструкција – и ќе биде првиот што ќе доживее меѓународен успех.
Пригодна поштенска картичка по повод првиот лет на A109
Првиот лет се случил само две и пол години по првите анализи за потенцијалот на проектот. На 4 август 1971 година, финалниот прототип на А109 ќе полета од Кашина Коста, пилотиран од тогашниот главен тест-пилот на Агуста, Оторино Ланча. Хеликоптерот веднаш покажал намалено ниво на вибрации, намалена бучава, како и извонредни маневарски можности. По првиот лет, тестовите и студиите продолжија за прототипот, за да го доведат до сертификат. Во септември 1971 година, бил презентиран извештај, придружен со цртежи поврзани со конечната верзија на А109, што ќе претставува основа за секој иден развој.
А109 донесе повеќе иновативни карактеристики, како што се главниот ротор со четири перки и полу-цврстиот ротор на опашката со две перки. Трупот на авионот, како и опашката, беа направени од лесна легура. Опремата за слетување беше многу истражувана и на крај конструкторите се решија таа да биде вовлекувачка, со предно прилагодливо тркало и два главни потпорни сета на тркала.
На 28 август 1975 година, четири години и неколку месеци по првиот лет, А109 беше регистриран во Италијанскиот воздухопловен регистар (Национална управа за цивилно воздухопловство) и ќе биде првиот хеликоптер дизајниран во Италија со домашен сертификат за летање. Паралелно, сертификат за А109 бил побаран и од американската ФАА (Федерална управа за авијација). Одобрувањето од ФАА за Агуста ќе ги отвори ширум вратите на еден од најголемите пазари за цивилни хеликоптери во светски рамки – американскиот.
Модел на Агуста А109 наменет за употреба планинска спасувачка служба (извор: Википедија)
Во документите за сертификација А109 ќе биде заведен како авион со осум седишта (вклучувајќи го и пилотот), со вкупна максимална тежина од 2400 килограми и тежина на празен воздухоплов од 1400 килограми. Хеликоптерот ќе користи два мотори од типот Allison 250-C20, со двојна моќност на моторот од 692 SHP, моќност на еден мотор од 400 shp, и максимална брзина (VNE) од 168 јазли (285 километри на час). Благодарение на овие карактеристики, А109 станува најбрзиот повеќенаменски лесен двомоторен хеликоптер во својата категорија во светот.
Првите испораки на А109 започнуваат веќе следната 1976 година. Моделот ќе се склопува во производните линии на Агуста сместени во Кашина Коста, за моделите со цивилна намена, и во Фросиноне, за оние со воена намена. Модуларноста на воздухопловот ќе овозможи распределување на произвниот товар помеѓу членките во групацијата. Со овој пристап компанијата ќе постигне флексибилност која ќе овозможи ефективен одговор на производните планови и растечкиот број на нарачки.
Модел на Агуста А109 во употреба кај италијанската полиција (извор: airliners.net)
Во Италија, со текот на годините, покрај цивилниот пазар, главни клиенти на Агуста ќе станат и армијата, полицијата, карабиниерите, финансовата полиција и одделот за цивилна заштита основан во 1990 година, кои ќе користат различни конфигурации на моделот А109 зависно од нивните потреби. По сертификатот на основниот модел, всушност, беа развиени серија верзии наменети за специфични мисии – брза помош, полициски задачи, спасување на планина и мисии за надзор на море.
Во 1996 година, наследството на A109 го презеде моделот A109 Power, со што за Агуста започна една нова успешна приказна. Но, за неа во некоја друга пригода.
Денес приказната за овој италијански мит се раскажува во музејот Агуста – каде освен за хеликоптерите може да се дознае повеќе и за мотоциклите што ја карактеризираа првата фаза на Агуста. На видеото* подолу може да ја погледете дел од приказната раскажана од директорот на Музејот Агуста, Џанлуиџи Мараси.
*За превод, притиснете го копчето Settings (во облик на запченик, сместено во долниот десен агол од YouTube рамката за видео), потоа изберете Auto-translate и оттаму означете го Macedonian, за да го активирате автоматскиот титл за машинско преведување на македонски јазик за видеото.