Во првите денови од вакцинацијата со mRNA* вакцините на Фајзер (Pfizer), имаше предупредувања од некои научници дека T-killer клетките (клетките убијци, компонента на клеточниот имунитет), откако ќе ги препознаеле како инфицирани клетките кои содржат и емитуваат шилци од корона вирус (кои самите клетки ги произведувале, бидејќи така биле инструирани од mRNA вакцината, за да предизвикаат реакција антиген-антитело), ќе ги уништувале инаку здравите клетки од организмот. Бидејќи во целиот организам сите клетки емитуваат шилци, тие научници предвидуваа дека клеточниот имунитет ќе го убиел здравиот организам и дека во иднина ќе имало масовно умирање на вакцинираните со mRNA вакцините на Фајзер.
За среќа, после една милијарда вакцинирани со тие вакцини, таквото сценарио не се остварило. Нормално, ни експериментите во изминатите 25 години такво нешто не потврдиле. Очигледно е дека клетките убијци не ги сметаат самите шилци како знак за инфекција или оштетување на клетката, бидејќи самата клетка не произведува нови цели вируси (а не може ни да ги произведе затоа што нема генетски материјал во вакцината којшто би предизвикал репликација на вируси).
Како функционира mRNA вакцината (поедноставена шема)
И така, сега сме растоварени барем од таа грижа. Останува проблемот со ретките случаи на воспаление на срцевиот мускул (миокардитис) кај мажите помлади од 25 години, како и ретките случаи на згрутчување на крвта. Но, кога инциденцата на овие случаи ќе се стави во сооднос со инциденцата на смртен исход кај тие коишто не примиле вакцина, станало јасно дека користа ги надминува штетите (сооднос на ризиците, hazard-ratio (HR)).
Останува секој да процени (особено постарите од 60 години) дали е спремен да се изложи на ризик од неколку несакани ефекти спрема милион (доколку се вакцинираат) или пак неколку илјади умрени од ковид спрема милион, доколку не се вакцинираат. Да се потсетиме, во Македонија досега морталитетот изнесува преку 2800 починати на милион.
Многумина веруваат дека многубројните смртни случаи се зад нас и дека допрва нема потреба од заштита, но Делта сојот допрва ќе покаже што може да направи, а стапката на прележаност и вакцинираност кај нас сè уште не е доволна да се постигне колективен имунитет и со тоа да се спречи нов бран на разболување и умирање.
Останува секој да си ја направи математиката за себе, ако веќе не им верува на официјалните препораки од здравствените власти. Ако некој не е спремен да прифати ризик од 5 спрема милион, тогаш нека се спреми за ризик од 2800 спрема милион, особено постарите од 60 години. И тоа ризик за умирање, а не за згрутчување кое со лекови најчесто поминува.
*mRNA – анг. messenger Ribonucleic acid, информациска или месинџер/гласничка рибонуклеинска киселина