Во овој времеплов оддаваме почест на делото на англискиот физичар и хемичар Џон Далтон, ја одбележуваме појавата на системот Windows NT 3.1, и ги славиме родендените на германскиот хемичар и нобеловец Ханс Фишер, на американскиот лекар и генетичар Барук Семјуел Бламберг и на американскиот теоретски физичар Чарлс Хард Таунс.
27.7.1881 – Роден е Ханс Фишер, германски хемичар и нобеловец
Ханс Фишер (Hans Fischer) е германски органски хемичар, добитник на Нобеловата награда за хемија во 1930 година „за неговите истражувања во конституирањето на хемин и хлорофил и особено за неговата синтеза на хемин“.
Фишер е роден во Хекст на Мајна (Höchst am Main), сега градски округ во Франкфурт. Посетувал основно училиште во Штутгарт, а подоцна и хуманистичка гимназија (Humanistisches Gymnasium) во Визбаден, матурирал во 1899 година. Студирал хемија и медицина, најнапред на Универзитетот во Лозана, а потоа на Марбург. Дипломирал во 1904 година, а во 1908 година се квалификувал за лекар.
Најпрво работел на Медицинска клиника во Минхен, а потоа и на Првиот хемиски институт во Берлин. Се вратил во Минхен во 1911 година и една година подоцна се квалификувал како предавач по интерна медицина. Во 1913 година станал предавач по физиологија на Физиолошкиот институт во Минхен. Во 1916 година станал професор по медицинска хемија на Универзитетот во Инсбрук и оттаму заминал на Универзитетот во Виена во 1918 година. Од 1921 година до неговата смрт ја извршувал позицијата професор по органска хемија на Техничкиот универзитет во Минхен.
Научната работа на Фишер најмногу опфаќала истражување на пигментите во крвта, жолчката, а исто така и на хлорофилот во лисјата, како и хемијата на пиролот од кој се добиени овие пигменти. Од особено значење била неговата синтеза на билирубин и хемин. Тој добил многу почести за оваа работа и Нобелова награда во 1930 година.
Починал на 31 март 1945 година во Минхен на 63 годишна возраст. Причина за смртта била самоубиство предизвикано од очај поради уништувањето на неговиот институт и неговата работа во текот на последните денови од Втората светска војна. (Р. М.)
27.7.1844 – Починал англискиот физичар и хемичар Џон Далтон
Научникот Џон Далтон (John Dalton) е меѓу првите од времето на ренесансата се залагале за атомската теорија на материјата, т.е. дека делбата на материјата не е бесконечна и дека нејзиниот најмал дел којшто ги има својствата на материјата е атомот. Ова свое учење го поставил на експериментални основи.
Негово капитално дело е “Нов систем на филозофијата и на хемијата” во кое го објаснил Прустовиот закон за постојани пропорции и го поставил законот за зголемени пропорции. Прв и со многу голема точност ги одредил атомските тежини на хемиските елементи. Се занимавал со проучување на гасовите и го поставил законот за парцијалните притисоци. Исто така се занимавал и со метеорологија. Страдал од слепило за боја (не ги распознавал боите), па ја проучувал и оваа аномалија која, според него, денеска популарно е наречена далтонизам. Џон Далтон е роден во 1766 година. (Т. С.)
27.7.1993 – Беше објавен Windows NT 3.1
Windowa NT 3.1 беше првото издание во серијалот NT. Ознаката NT стоеше за N-Ten, кодното име на процесорот Intel i860 XR за кој првично беше развиен NT. Кернелот NT беше различен од верзијата со Windows 3.x, со примена на API Win32, или 32-битно програмирање. Windows NT беше наменет пред сè за бизнис корисниците, па затоа не се истакнуваше особено во репродукцијата на мултимедијални содржини, за разлика од верзијата наменета за куќни корисници. (И. З.)
28.7.1925 – Роден е Барук Семјуел Бламберг
Барук Семјуел Бламберг (Baruch Samuel Blumberg) е американски лекар, генетичар и лауреат на Нобеловата награда за медицина во 1976 година, која ја дели заедно со Карлетон Гајдушек (D. Carleton Gajdusek) за нивните истражувања за потеклото и ширењето на заразните болести. Бламберг го откри вирусот којшто предизвикува хепатит Б, а потоа разви и тест за дијагостика на оваа заразна болест. Откритието на антигенот којшто предизвикува антителен одговор за хепатит Б, доведе до развој на ефективна вакцина за сузбивање на оваа форма на жолтица.
Во текот на 50-тите години на минатиот век, Бламберг патувал низ светот земајќи примероци од човечка крв, за да ги проучи генетските варијации кај луѓето, фокусирајќи се на прашањето зошто некои луѓе заболуваат во дадена околина, додека други не. Во 1964 година, додека ја проучувал жолтицата (хепатитот), тој открил антиген за хепатит Б во крвта на австралиските абориџини, па оттука првично овој антиген бил наречен “австралиски антиген“.Неговата работа подоцна покажала дека вирусот може да предизвика рак на црниот дроб. Блумберг и неговиот тим успеале да развијат скрининг тест за вирусот на хепатит Б, со што ефективно се спречило неговото ширење преку донациите на крв, а потоа развиле и вакцина. Подоцна Бламберг се откажа од патентните права на вакцината, со цел да ја промовира нејзината дистрибуција од фармацевтските компании. Со примената на оваа вакцина стапката на инфекција со хепатит Б кај децата во Кина паднала од 15% на 1% за само 10 години.
Во 1964 година, Бламберг станал член на Институтот за истражување на рак (МЦП) на Истражниот институт при болницата Ланкенау во Филаделфија (денес Ланкенау институт за медицински истражувања), кој подоцна, во 1974 година, се приклучи кон Центарот за рак на Фокс Чејс. Почнувајќи од 1977 година Бламберг е и универзитетски професор по медицина и антропологија на Универзитетот во Пенсилванија. Бил избран за соработник на Американската академија на уметностите и науките во 1994 година, а од 1999 до 2002 година, тој ќе биде директор на Институт за астробиологија на НАСА при Истражувачкиот центар Ејмс. (Н. С.)
28.7. 1915 – Роден е Чарлс Хард Таунс
Чарлс Хард Таунс (Charles Hard Townes) е американски теоретски физичар и нобеловец. Нобеловата награда за физика во 1964 година ја дели заедно со Николај Генадјевич Басов и Александар Михајлович Прохоров, “за нивната основна работа на полето на квантната електроника, што потоа доведе до конструкција на осцилатори и засилувачи кои се засноваат на принципот масер-ласер”. Притоа на Таунс ќе му припадне половина од наградата за развојот на првиот функционален масер, а другите двајца научници ќе делат по четвртина од неа, за нивниот теоретски придонес за работата на масерите.
Масерот е уред којшто создава кохерентна микробранова радијација, па и самото негово име претставува акроним од описот на ова дејство – Microwave Amplification by Stimulated Emission of Radiation (засилување на микробрановите со стимулирана емисија на радијација). Стимулираната емисија значи дека пакет од светлина, фотон, којшто доаѓа во контакт со атом, може да предизвика електронот да се спушти на пониско енергетско ниво, при што ќе се емитува дополнителен фотон со иста количина на енергија. Ако електроните преминат на повисоко енергетско ниво со изложување на топлина или светлина, при нивното паѓање назад на пониските енергетски нивоа ќе дојде до т.н. ефект на лавина. Во 1950-тите Чарлс Таунс, Николај Басов и Александар Прохоров со својата работа придонеле овој феномен да најде практична употреба кај масерите и ласерите, кои произведуваат концентрирани и кохерентни снопови на микробранови и на светлина, соодветно. (Н. С.)