Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 24/25/26.7.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 26.07.2021 - 17:45

Во овој времеплов го славиме успешното враќање на Земјата на екипажот на Аполо 11, откритието на Мачу Пикчу и првата вселенска прошетка направена од една жена. Покрај ова ги одбележуваме и првата подводна нуклеарна проба и лансирањето на првиот геостационарен комуникациски сателит.

 

24.7.1969 – Екипажот на Аполо 11 безбедно се врати на Земјата

Командниот модул Колумбија, од мисијата Аполо 11 навлезе во атмосферата по што со падобран се спушти во водите на Тихиот Океан. При падот во вода модулот се преврте и астронаутите, манипулирајќи со вградените пловки, успеаја да го исправат во соодветна положба. Екипажот го пречекаа тим од нуркачи од носачот на авиони УСС Хорнет. На екипажот на Аполо 11 веднаш им беше дадена преслека по што беа ставени во задолжителна биолошка изолација. Ова беше направено со цел да се спречи можна контаминација. Командниот модул беше избришан за да се отстрани целата лунарна прашина, а предметите употребени за оваа намена беа потопени во океанските води.

Прибирање на екипажот од океанските води по успешното водено слетување

Астронаутите беа пренесени до носачот, каде беа сместени во карантинска комора. Овој преносен карантински објект ќе биде нивни дом во наредните 21 ден. Претседателот на САД, Ричард Никсон накратко ќе го посети екипажот за во живо да им честита за успешната мисија. Носачот на авипни, УСС Хорнет потоа ќе се упати кон Перл Харбор. (Н. С.)

 

24.7.1911 – Хирам Бингам го открива Мачу Пикчу

Хирам Бингам, американски археолог и политичар, во 1911 година иницира научна студија на Мачу Пикчу, древен локалитет од времето на цивилизацијата на Инките, сместен во Перуанските Анди. Се претпоставува дека германскиот авантурист Аугусто Бернс го посетил локалитетот далеку пред Бингам, уште во 1867 година. Но, Бингам и неговата работа биле клучни катализатори за почеток на археолошките истражувања на повеќе локалитети на Андите, но во други делови на Јужна Америка.

Локалитетот Мачу Пикчу, поглед од птичја перспектива

Мачу Пикчу, познат и како Макупихчу, се наоѓа на околу 100 километри северозападно од Куско, Перу, на планинскиот венец Кордиљера де Вилкабамба на Андите. Сместен е над долината на реката Урубамба, на седлестиот рт помеѓу два остри врва – Мачу Пикчу (“Стар врв“) и Ујана Пикчу (“Нов врв“). Локалитетот се наоѓа на надморска височина од 2350 метри. Како еден од ретките претходно недопрени големи локалитети од пред колумбовско време, во 1983 година УНЕСКО го прогласи Мачу Пикчу за светско наследство. (Н. С.)

 

25.7.1978 – Родена е Луиз Џој Браун, првото дете “од епрувета”

Луиз Џој Браун, првото дете “од епрувета”, беше родено со планиран царски рез во Општата болница во Олдем, Манчестер, Велика Британија.

Среќните родители и првото дете родено по успешна инвитро процедура

Поради проблеми со зачнувањето, мајката на Луиз побарала помош од д-р Патрик Стептоу и д-р Роберт Едвардс, коишто и понудиле експериментална опција којашто би можела да вроди со плод. Докторите извадиле јајце-клетки од г-ѓа Браун и ги оплодиле во лабораториски услови. По созревање на клеточната култура, ембрионите биле “сместени” назад во г-ѓа Браун која потоа имала нормална бременост, на крајот од која добила ќерка.

Во 2010 година д-р Едвардс ќе ја добие Нобеловата награда за медицина за развој на оваа техника, којашто ќе стане позната како инвитро оплодување. (Н. С.)

 

25.7.1946 – САД ја извршува првата подводна детонација на атомска бомба

Подводниот нуклеарен тест беше спроведен на Бикини Атолот, дел од Маршаловите острови сместени во централниот дел на Пацификот. Откако во 1946 година жителите најнапред биле дислоцирани од Бикини Атолот, островот се користи за нуклеарни проби. Во периодот од 1946 до 1958 година на локалитетот ќе бидат тестирани вкупно 23 атомски и хидрогенски бомби. Во 1969 година владат на САД ќе ја прогласи локацијата како безбедна за живот. Откако во 1974 година околу 100 домородци се вратиле да го продолжат својот живот на островот, новите радијациски мерења во 1978 година покажуваат високи нивоа на радиоактивност, по што жителите биле евакуирани. Во 1988 година започнува “чистење” на зоната, а кон крајот на 90-тите години од минатиот век Атолот станува популарна дестинација за нуркачите од цел свет. До денес Бикини Атол сè уште останува ненаселена област. (Н. С.)

 

25.7.1837 – Успешно демонстрирана првата комерцијална употреба на електричен телеграф

Првата комерцијална употреба на електричен телеграф успешно ја демонстрирале Вилијам Кук (William Cooke) и Чарлс Витстоун (Charles Wheatstone) на 25 јули 1837 година помеѓу Јустон (Euston) и Камден Таун (Camden Town) во Лондон.

Сер Вилијам Кук бил англиски изумител. Бил соосновач на компанијата Електричен телеграф, првата јавна телеграфска компанија во светот, во 1846 година. Тој бил прогласен за витез во 1869 година.

Сер Чарлс Витстоун, бил англиски научник и пронаоѓач на многу научни откритија од Викторијанската ера, вклучително и англиската концертина и стереоскопот (уред за прегледување на стереоскопски пар одвоени слики, прикажувајќи ги погледите на левото и десното око на истата сцена, како единечна тродимензионална слика). Сепак, Витстоун е најпознат по неговите придонеси во развојот на мостот Wheatstone кој се користи за мерење на непознат електричен отпор, и како главна фигура во развојот на телеграфијата.

Телеграфот на “Кук и Витстоун“ бил ран телеграфски систем, кој датирал од 1830-тите. Приемникот се состоел од голем број игли што можеле да се преместат со електромагнетни калеми за да укажат на букви на табла. Оваа опција им се допаднала на раните корисници кои не биле подготвени да научат кодови, и работодавците кои не сакале да инвестираат во обука на персоналот. Телеграфот на “Кук и Витстоун” одиграл важна улога во апсењето на убиецот Џон Тавел (John Tawell). Откако се дознало дека Тавел се качил на воз кон Лондон, телеграфот се искористил за да сигнализира во станицата кај Падингтон и осомничениот да биде уапсен. Новината на оваа употреба на телеграфот во борбата против криминалот предизвикала голем публицитет и довела до зголемено прифаќање и употреба на телеграфот од страна на јавноста. (Д. М.)

 

25.7.1984 – Космонаутката Светлана Савицкаја стана прва жена која “прошета” во вселената

Заедно со командантот Владимир Џанибеков и истражувачкиот космонаут Игор Волк, на 17 јули 1984 година Савицкаја полета кон вселената во внатрешноста на капсулата Сојуз Т-12. На 25 јули 1984 година, Савицкаја стана првата жена којашто зачекори во вселенското пространство. Таа помина вкупно 3 часа и 35 минути надвор од вселенската станица Саљут 7, време кое заедно со нејзиниот колега Владимир Џанибеков го помина во сечење и заварување на парчиња метал. Екипажит се врати на Земјата на 29 јули 1984 година. Од вкупно 57 советски / руски вселенски мисии таа е единствената (руска) жена која имала вселенска прошетка.

Светлана Савицкаја и нејзината вселенска прошетка

Светлана Савицкаја е инаку завршен авиоинженер и мошне успешен пилот. На авиомитингот во 1970 година таа стана светски шампион со постигнување на 23 брзински рекорди и поставување на 3 рекорди во скокање со падобран. Космонаутската обука ја започнала во 1980 година. Вкупно имала две вселенски мисии и во вселената поминала вкупно 19 дена, 17 часа и 6 минути.

Нејзиниот одличен перформанс на вселенските мисии ги замолкна критичарите кои ја доведоа во прашање способноста на жените за извршување на вселенски мисии. (Н. С.)

 

25.7.1990 – Приходите на Мајкрософт за првпат надминуваат една милијарда долари

За фискалната 1990 година компанијата Мајкрософт пријави приход од над една милијарда американски долари. Но, спектакуларниот раст не запре тука. Компанијата Мајкрософт основана во 1975 година од страна на Бил Гејтс и Пол Ален, оттогаш ја продолжува својата доминација во компјутерската индустрија. (И. З.)

 

26.7.1963 – Лансиран првиот геостационарен комуникациски сателит

Сателитот Syncom 2 беше дел од програмата на НАСА. Сателитот го оствари првото емитување на ТВ-сигнал од геостационарен сателит. За потсетување, геостационарните сателити имаа орбитален период еднаков на брзината на ротацијата на Земјата. Со ова се овозможува тие секогаш да се наоѓаат на исто место во однос на површината на Земјата. (Н. С.)

 

Клучни зборови:
Успешно 'слетување' во водите на Пацификот

Успешно 'слетување' во водите на Пацификот

Прибирање на екипажот од океанските води по успешното водено слетување

Прибирање на екипажот од океанските води по успешното водено слетување

Посадата на Аполо 11 во карантин

Посадата на Аполо 11 во карантин

Детаљ од Мачу Пикчу

Детаљ од Мачу Пикчу

Хирам Бингам на локација

Хирам Бингам на локација

Локалитетот Мачу Пикчу, поглед од птичја перспектива

Локалитетот Мачу Пикчу, поглед од птичја перспектива

Првото 'дете од епрувета'

Првото 'дете од епрувета'

Среќните родители и првото дете родено по успешна инвитро процедура

Среќните родители и првото дете родено по успешна инвитро процедура

Првиот тест на хидрогенска бомба на Бикини Атолот

Првиот тест на хидрогенска бомба на Бикини Атолот

Светлана Савицкаја

Светлана Савицкаја

Светлана Савицкаја и нејзината вселенска прошетка

Светлана Савицкаја и нејзината вселенска прошетка

Савицкаја по успешното приземјување

Савицкаја по успешното приземјување

Првиот геостационарен комуникациски сателит

Првиот геостационарен комуникациски сателит