Рубрика: Медицина
Пандемиска викенд анализа 24.7.2021
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 25.07.2021 - 01:45

Веќе долго време ефективниот репродукциски број Rt стои над единица и дневните броеви на нови случаи забрзуваат со растот (на дијаграмот на втората слика). Покрај стандардните Тетово и Скопје, од вчера избувна и во Куманово, а полека се загреваат и Гостивар, Охрид, Прилеп и Струмица.

Ваков раст немавме минатото лето, но да не заборавиме, сега го имаме Делта сојот!

Продолжува и растот на стапката на позитивни тестови, јасен показател дека заразувањето се шири низ популацијата (црвената линија на дијаграмот на третата слика).

На крајот, на дијаграмот на четвртата слика ги гледаме прогнозите за идното движење на вкупниот број на случаи (бледо зелената линија), бројот на оздравени (бледо сината линија) и бројот на активните случаи (розовата линија), добиени со решавање на системот диференцијални равенки на модифицираниот SIR модел, под претпоставка дека ефективниот репродукциски број Rt ќе изнесува 1,20 во наредните две недели, со денешните броеви како почетни услови.

На дијаграмот на петтата слика пак гледаме предвидување на растот на вкупниот број на случаи според моделот на обична експоненцијална регресија, со интервал на доверба. Гледаме дека сите линии се стрмо „зинати“ нагоре.

Засега ништо алармантно, но штом летно време имаме ваква преносливост, наесен ќе го видиме Делта сојот во „полн сјај“. Во меѓувреме ќе го следиме и леталитетот, односно дали и колку досегашната прележаност, заедно со вакцинираноста, ќе го намалат процентот на починати од новодијагностицираните.

При 1000 пати поголемо вирусно оптоварување од Делта сојот (објавено вчера во списанието Nature) и многу полесна преносливост (еден заразен го пренесува вирусот на 5 до 9 други, прележани и непрележани), сусцептибилните (чувствителните, односно непрележаните и невакцинираните) многу тешко ќе куртулат пред вирусот.

Прележаните и тазе вакцинираните (или обратно) веројатно ќе се спасат дури и од инфекција. Само прележаните или само вакцинираните имаат шанси (поголеми, ако се работи за помалку ефикасна вакцина) да се инфицираат, но веројатно ќе поминат асимптоматски или како со обичен грип (смртен исход многу малку веројатен). Кај непрележаните и невакцинираните ќе важи статистиката од пред вакцините - 80% асимптоматски, 10% лесни случаи на домашно лекување, 10% тешки на болничко лекување , а од нив за жал околу една третина ќе починат. Штета што мора да биде така, штом веќе постојат вакцини, но секој сам си ги избира шансите.

Клучни зборови: