Кон крајот на минатата недела НАСА конечно успеа да го префрли функционирањето на вселенскиот телескоп Хабл на резервниот хардвер, и да го вклучи бекап компјутерот. Префрлувањето беше направено со цел да се надмине проблемот којшто се јави со оригиналниот компјутер на 13 јуни оваа година. Имено, компјутерот тогаш престана да работи, одложувајќи го собирањето на научни податоци на неодредено време.
При префрлувањето на работата беше вклучен и модулот за контрола на резервното напојување (Power Control Unit – PCU) и резервниот модул за управување и форматирање на добиените научни податоци (Command Unit/Science Data Formatter – CU / SDF) коj се наоѓа од другата страна на модулот за командување и управување со научните инструменти и податоци (Science Instrument and Command & Data Handling – SI C&DH). PCU модулот овозможува напојување на SI C&DH компонентите, додека CU / SDF модулот испраќа и форматира команди и податоци. Освен овие главни модули и други делови од хардверот на Хабл беа префрлени да функционираат преку нивните алтернативни интерфејси со цел да се префрлат на комуникација со резервната страна на SI C&DH модулите. Откако овие чекори беа преземени, резервниот компјутер од истиот модул бил вклучен, во него бил вчитан софтверот за навигација и бил воспоставен нормален режим на работа.
Инженерскиот тим којшто го опслужува и управува со Хабл сега ја следи работата на резервниот хардвер за да се осигури дека сè работи како што треба. Тимот исто така започна процес за враќање на научните инструменти во нормален режим на работа, откако минатиот месец тие автоматски влегоа во безбеден режим. Оваа активност се очекува да потрае нешто повеќе од еден ден, бидејќи тимот спроведува повеќе различни процедури и ја проверува температурната стабилност на инструментите. Ако сите проверки завршат нормално, тимот потоа ќе изврши почетна калибрација на инструментите пред вселенскиот телескоп да продолжи со нормалните активности.