Српската компанијата Pink Research and Development Center (PR-DC) оваа недела го прослави својот прв роденден. По тој повод пред јавноста беше претставен нивниот дрон од последната генерација, за којшто имаат планови за сериско производство.
PR-DC е вертикално интегрирана компанија која има за цел да конципира, дизајнира, развива и произведува беспилотни летала, авиони и софтвер за нивна контрола и управување – сè под еден покрив.
Дронот со назнака Rw го претстави сопственикот на Пинк, Жељко Митровиќ. Според него, дронот има носивост од 20 кг, и поседува енергетска автономија од 30 минути. Има можност за монтирање на повеќе разновидни специјални додатоци, опремен е со најсовремен систем за самостојно наведување, но истовремено има можност и за рачно управување! Долг е нешто повеќе од еден метар и е мошне погоден за брзи испораки до местото на мисијата.
Во неговиот поздравен говор, Митровиќ најнапред им се заблагодари на гостите, пријатели и вработени од компанијата, за нивната поддршка во изградбата на оваа денес успешна компанија. Се осврна на историјатот на компанијата, нејзиниот старт и формирање, како и на клучните личности, врвни инженери, кои овозможија од речиси ништо да се формира центарот за истражување и развој на PR-DC.
“Денес PR-DC е компанија која е доста зрела и конкурентна и веќе произведе индустриски дрон, односно летало со капацитет од еден килограм, произведе летечки автомобил со капацитет од 100 килограми, а денес ќе го претставиме и ќе го отвориме производството на најзрелиот и најкомерцијалнинот во иднина, дрон на електричен погон – Rw 20, кој може да остане во воздух дури 30 минути и да носи товар од 20 килограми.” – рече Жељко Митровиќ како заклучок во неговиот говор.
Лидерот на проектот, Милош Петрашиновиќ, појасни дека леталото може далечински да се управува, наведувано од некој центар во градот, и притоа да биде опремено со филмска камера, но и да послужи како помошно средство во некои мисии за директна помош на заедницата – испорака на опрема за гаснење пожар, но и брза достава на вода, храна, лекови, односно товар тежок до 20 килограми, до непристапни места. Како што тој истакна леталото е целосно српски производ, проектиран од нивни домашни машински и воздухопловни инженери. Целиот проект кој бил реализиран за само девет месеци, иако развојниот период бил планиран задве години.