Изминатата среда, на 7. јули 2021, се оддржа мала свеченост за одбележување на петгодишнината од постоењето на Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија (НАПМ). Настанот се одржа на зелениот покрив на Домот на градежниците во Скопје.
На присутните гости им се обрати претседателот на НАПМ, Мирко Узелац. Во своето поздравно обраќање тој ја истакна досегашната успешна соработка меѓу НАПМ и Град Скопје, и се заблагодари за логистичката поддршка што Град Скопје ја дава во реализацијата на активностите на НАПМ. По тој повод на институцијата Град Скопје беше врачена и плакета која во името на градоначалникот Петре Шилегов ја прими Претседателката на Советот на Град Скопје, г-ѓа Љубица Јанчева.
Во чест на петгодишниот јубилеј на свеченоста беше презентирано и промотовиното видео за работата на НАПМ во изминатите 5 години, изработено од младиот член на асоцијацијата Марко Шипка. Исто така, беа промовирани и најновите патентирани пронајдоци на членовите на НАПМ, а две од нив беа презентирани како иновации кои имаат потенцијал за примена на ниво на градот Скопје.
На присутните им се обратија и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, државниот секретар на АРМ – Драган Николиќ и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, на кои им беа врачени почесни медали и пехари, а свое обраќање имаше и директорот на државниот завод за индустриска сопственост, Горан Герасимовски.
Тој истакна дека најголемата иднина на Македонија се токму македонските пронаоѓачи кои, со своите иновации, прават големи промени во целото општество, а со тоа носат и олеснување во животот на сите граѓани. Од ДЗИС продолжуваат и понатаму со целосна поддршка на Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија.
Плакети, медали и сертификати добија и повеќе заслужни членови и помагачи на НАПМ меѓу кои и списанието ЕМИТЕР, за големата долгогодишна поддршка на македонското иноваторство и пронаоѓаштво.