Google работи на додавање на режимот „HTTPS-Only“ за веб-прелистувачот Chrome со цел да го заштити веб-сообраќајот на корисниците со надградба на сите врски во HTTPS. Новата опција во моментов се тестира на Chrome 93 Canary за Mac, Windows, Linux, Chrome OS и Android.
Иако сè уште нема официјално соопштение режимот „HTTPS-Only“ најверојатно ќе стане достапен од 31 август, кога се очекува да биде претставен и Chrome 93.
Google претходно веќе го ажурираше Chrome за автоматско поставување на HTTPS за сите URL-адреси внесени во лентата за адреси, ако корисникот однапред не го определи протоколот за пристап.
Ажурирањата на HTTPS ќе бидат автоматски, без предупредувања, што, барем теоретски, би требало да овозможи беспрекорно пребарување на интернетот преку безбедна врска секогаш кога тоа е можно.
Google не е првиот голем производител на веб-прелистувачи којшто ја воведува опцијата за автоматско овозможување на HTTPS за сите веб-страници. Microsoft Edge, на пример, сега може да се нагоди за автоматски да ги префрла корисниците на HTTPS врски при посетата на веб-страниците преку HTTP, се разбира откако ќе ја овозможат новата опција за автоматски HTTPS достапна во изданијата Canary и Developer на овој прелистувачот. Mozilla исто така додаде режим „ HTTPS-Only“ кон крајот на минатата година. Оваа функционалност стандардно е оневозможена, но може да се вклучи со соодветно нагодување во поставките на прелистувачот.
Со надградба на сите врски до веб-страниците во HTTPS, Google Chrome ќе ги заштити корисниците од MITM напади (напад со посредник , буквално: “човек во средина“) којшто им овозможува на напаѓачите да ги следат податоците разменети преку интернет серверите со употреба на нешифрираниот HTTP протокол. Притоа чувствителните информации, како на пример лозинки, информации за кредитни картички и други слични информации, испратени и примени преку HTTP, може да бидат собрани од малициозен софтвер инсталиран на компјутерот на корисникот.
HTTPS исто така гарантира дека напаѓачите што се обидуваат да го пресретнат вашиот веб-сообраќај нема да можат да ги менуваат податоците разменети со страниците.
Со овозможување секогаш да го користите HTTPS протоколот кога сурфате на интернет, се разбира, кога е активен режимот HTTPS-Only, Google Chrome помага за заштита на податоците во транзит со шифрирање на сите врски кон и од веб-серверите.